Со рекорден број од 13.440 натпреварувачи од 55 светски држави, во неделата беше одржан јубилејниот 20. Скопски маратон на кој освен натпреварувачкиот имаше и рекреативен ден во кој илјадници уживаа во прекрасното утро и шансата за дружење и одржување на здравјето.
По истрчани 42 километри победник на маратонот беше Кениецот Хиларио Чемвено со време од 2.13.28, а зад себе го остави сонародникот Даниел Кипротих со 2.13.53. Третата позиција на пиедесталот беше резервирана за нашиот Дарио Ивановски кој истрча за 2.16.26.
И помеѓу дамите победничката беше од Кенија, Ирине Џеруто со 2.37.52. Зад неа следуваше Македонката Адријана Поп Арсова со време од 2.39.38. Како трета заврши Вилијан Џелагет од Кенија.
Министерот за спорт Борко Ристовски им ги врачи медалите на најуспешните, упатувајќи честитки за сите учесници на маратонот за нивната издржливост и посветеност.
– Скопскиот маратон и оваа година покажа дека Македонија е подготвена да организира спортски настани од светски размери. Горд сум што Министерството за спорт е главен покровител на оваа атлетска манифестација која го става Скопје и Македонија на светската маратонска мапа. Ние како Министерство секогаш ќе бидеме поддршка за ваквите настани кои негуваат вистински спортски вредности, градат традиција и носат промоција на нашата Македонија во светот – истакна министерот Ристовски.
Победник на полумаратонот во машка конкуренција кај македонските атлетичари годинава е Иван Пешевски со време од 01:12:58, на второ место Александар Арсов со време од 01:13:49, додека трет заврши Илија Кироски со време од 01:15:27. Победничка во женска конкуренција кај македонските натпреварувачки на полумаратонот е Милјана Ристиќ со време од 01:22:55, второто место и припадна на Фросина Михајловска со време од 01:31:23, додека како третопласирана заврши Теа Божиновска со време од 01:33:44.
Победник во најкратката трка на 5 километри беше Гилман Јунузи со време од 00:15:45 во машка конкуренција, втор заврши Григоријан Никовски со време 00:15:54, а третопласиран беше Бојан Чаприќ со постигнат резултат од 00:16:16. Во трката на 5 километри кај дамите, прва низ целта мина Ирма Хајдари со време 00:18:31, а место на пиедесталот имаше и за Дарија Крстевска (00:19:38) и Христина Секулоска (00:20:37).
Главен спонзор на 20. јубилејно издание и оваа година беше унгарската авиокомпанија „Виз Ер“, а покровители се уште и Град Скопје и Канцеларијата на ЕУ во Скопје.
Голема помош во организацијата на годинешниот маратон пружија и вкупно 600 волонтери, кои им поделија 25 тони вода и 2 тони овошје на учесниците. На секои 900 метри беше поставен освежителен пункт со различно освежување за тркачите, а забавниот дел на манифестацијата беше збогатен и со 10 музички точки.