Самитот АСЕАН-Австралија ја осуди „заканата и употребата на сила“ во регионов

Лидерите на Асоцијацијата на нациите од Југоисточна Азија (АСЕАН) и Австралија, се сретнаа во Мелбурн и ја осудија „заканата или употребата на сила“ за решавање на споровите во регионот, истакнувајќи дека тоа е индиректно повикување на Пекинг.

„Ние се стремиме кон регион каде што се почитуваат суверенитетот и територијалниот интегритет и каде што разликите се управуваат преку дијалог со почитување, а не преку употреба на сила или закани“, се вели во заедничката декларација.

Експанзионистичките цели на Пекинг во Јужното Кинеско Море, низ кое тргуваат трилиони долари секоја година, беа потенцирани на специјалниот самит АСЕАН-Австралија што заврши в средата.

Територијалните спорови се интензивираа во последните месеци во овој поморски коридор, за некои области на кои претендираат и Филипините, Виетнам и Малезија, кои исто така се членки на АСЕАН.

– Сите ние сме одговорни за формирањето на регионот што сакаме да го споделиме – мирен, стабилен и просперитетен, рече австралиската министерка за надворешни работи Пени Вонг.

– Оваа одговорност е поважна од кога било, бидејќи карактерот на регионот е доведен во прашање. Се соочуваме со дестабилизирачки, провокативни и принудни акции, вклучително и опасно однесување на море и во воздух и милитаризација на спорните елементи, нагласи министерката.

Останати вести