Само Трамп може да го спаси Охрид од УНЕСКО

Не знам што е толку за радување тоа што Трамп ја укина американската помош за странство? Особено во земја во која со милијарди – што евра, што долари, што шведски круни, швајцарски франци, британски фунти, јапонски јени, турски лири – се изградени водоводи, канализации, се реновираат градинки, школи, болници, се купуваат амбулантни и противпожарни возила, се чистат реки, езера и планини, плус се заштитува културното богатство од антиката до антифашистичката војна. Од локално до државно ниво. Некако многу ситење за прекинот на американска помош дојде од граѓани на кои странските амбасадори им го чистат и ѓубрето од пред портите…

Ама, добро. Како вика премиерот Мицкоски: „Секоја поддршка во насока на подобрување на демократските капацитети на една држава е добредојдена. Но и ова треба да нè освести и да нè отрезни и да сфатиме дека во иднина ќе треба самите за себе да се грижиме, самите да градиме општество кое што ќе биде наше заедничко општество, без разлика на нашите политички разлики, етнички, верски…“…

… Еве, на пример, охриѓани уште сега треба да пуштаат писма до Белата куќа. Да го молат Трамп да престане да плаќа за УНЕСКО. Веќе да не им доаѓаат контроли да им го заштитуваат светското природно и културно наследство. Оти, охриѓани се убедени дека туристите им доаѓаат да спијат во сопчињата во станбените згради и да јадат во кафеаните со најлонски тераси. Оти, таму од кај што доаѓаат немаат ни згради видено, ни такви кафеани, а богами ни плажи. А што е за право, таква лесковачка скара ко што има во Охрид, нема ни во Лесковац. А таква љубезност и гостопримливост, пак, ептен никаде нема.

Само Трамп може да го спаси Охрид од УНЕСКО…

(дел од колумна „Сакам да кажам“ на Г.Михајловски, објавена на порталот СДК.мк)

Останати вести