Сведочеше мајката на Вања: „Александар веднаш тврдеше дека е киднапирана“

Мајката на убиеното девојче Вања Ѓорчевска, Зорица, дојде на пултот за сведоци во судницата во Основниот кривичен суд Скопје, на судењето за двојното убиство.

– Во станот на ул. „Наум Наумовски Борче“ живеевме само два месеца. Претходно живеевме на улица „Славе Деловски“, кој e мој стан. Тој на „Н. Н. Борче“, беше мој, па го дадов на мојот маж Александар Ѓорчевски. Тој инсистираше да биде префрлен на негово име, за ако нешто се случи, децата да имале оставина.Тоа беше во 2018 година. Бидејќи децата сакаа да живееме таму, јас побарав да се префрли на име на децата, односно на мое име, како нивни старател. Александар се согласи едниот стан да биде препишан на едното, другиот на другото дете. Инаку станот  на „Н.Н. Борче“ претходно го раководеше Александар, имаше станар, тој ја земаше киријата бидејќи остана без работа. Јас во моја сопственост сега имам вкупно 3 стана, што ги наследив од родителите, а еден продадов. Од тие два се во Скопје, третиот е во Охрид одговараше мајката на Вања пред обвинителката, најпрво околу имотните односи со поранешниот сопруг Александар Ѓорчевски, обвинет за помагање во киднапирањето на неговата сега покојна Вања.

Како што опиша мајката Зорица, таткото Александар се грижел физички за децата, но знаел да биде некогаш импулсивен и да им викне, за што тие му забележувала. Одреден период од неколку месеци, од јануари 2023 година, Вања живеела кај него откако се скарала со мајка и, но по одредено време се јавила кај неа со плачење и барала да ја земе од кај татко и.

Еден период биле лути, но потоа повторно комуницирале, но што била причината за да се скаараат мајката не знаеше, објаснувајќи го тоа како дел од тинејџерските години, па знаела да се скара и со едниот и со другиот родител.

Додека биле во брак Александар работел се додека не се родила втората ќерка, а потоа немал работа. Почнал да работи кога се развеле, но во март 2023 година останал без работа. Финансискиот товар за децата додека биле во брак бил на неа, а откако се развеле и тој учествувал во трошоците за децата еднакво како и таа, се додека не останал без работа.

Дека Вања е убиена дознала во недела 3 декември минатата година, кога во полиција ја повикале и побарале од неа да го идентификува телото. Првообвинетиот Љупчо Палевски – Палчо рече дека не го познава, знае дека неговата фирма „Ентерпрајз“ ја градела зградата кајшто живееле, но само од нејзините родители.

Критичниот ден околу 7:20 часот ќерката Вања излегла за на училиште.

– Околу десет за осум излегувам пешки за на работа. Гледам порака од класната: „Вања ја нема на прв час!“ Бевме договорени да се слушнеме бидејќи Вања имаше проблем со еден учебник кој двапати моравме да го купуваме – го позајмува на другарка ама не и го враќаат. Веднаш свртев кај ќерка ми, не беше достапна. На „Гугл мапс“ видов дека таа е на Партизанска, во близина на „Фитнес хаус“. Се јавив на Александар дека Вања ја нема, сведочеше мајката.

– Што да правам, викав, му реков доаѓам накај тебе, симни се (живее во кула на почетокот на „Партизанска“, веднаш до Соборниот храм – з.н.). Кога стигнав тој беше веќе облечен и симнат доле. Не е вообичаено така брзо да се подготвува. Обично доцнеше. Сега беше спремен доле. Беше потиштен. Јас цело време се правдав не знам каде е детето. Не се скарав. Не знам што се случи. Александар од првиот тврдеше дека Вања сигурно е киднапирана. Јас го прашав кој би направил такво нешто? Дали должиш пари на некој? Тој само одговори нема што друго да биде. Бидејќи телефонот на Вања последен сигнал даваше дека бил кај „Фитнес хаус“, на „Партизанска“, таму пребаравме една напуштена куќа. Јас се јавив уште во 8 часот во полиција дека детето ми го нема. Дојдоа полицајците, се јавив по роднините. Започна потрагата, одговараше мајката на прашањата на обвинителката.

Бидејќи работи во еден од телекомуникациските оператори мајката Зорица побарала помош од колегите за лоцирање на телефонот на ќерката.

– Колегите телеоператори добија службен налог да бараат дали од некаде пак ќе прозрачи мобилниот на Вања. Потоа ја зедов помалата ќерка Миња од училиште, плачеше: „Каде е Вања?“. Гледавме на интернет да не ни пишала нешто. Дојдоа колегите, гледавме на безбедносни камери по патеката кај што вообичаено оди, ја немаше. Кога ја земав Миња, не беше тука Александар. Тој со еден полицаец отиде на локацијата, а јас со Миња дома во станот, кажа Зорица.

Децата вообичаено оделе заедно на училиште.

– Во петоците помалата ќерка почнуваше од вториот час и Вања одеше сама. А во понеделникот на 27.11. 2023, критичниот ден, класната на помалата пиша дека ќе отсуствува, за да дојдат на втор час. Јас не го известив Александар за тоа, туку помалата ќерка го известила татко ѝ кој се интересирал. Тој пратил порака потопло да се облечат, зашто ќе било студено. Имаше обичај да дели совети и да „соли памет“, одговори мајката на прашања од обвинителката.

Текстот на пораката е: „Утре ќе биде ладно, минус 7, облечете се многу добро, со дуксер, шал, ракавици…“

Судењето продолжува на 13 ноември.

Останати вести