Минатава недела Македонската православна заедница за Мелбурн и Викторија (МПЦМВ) одржа свечено отворање на новиот Македонски културен центар во Епинг. Со вкупна внатрешна површина од 781 квадратен метар, надополнета со 136 квадрати надворешна покриена површина и капацитет на салата со 220 седишта во иднина ќе биде достапен за изнајмување од заедницата. Oва е модерно здание со две големи функционални простории и сите потребни придружни елементи.
На отворањето беа присутни претставници од владата: федералниот министерот за имиграција и мултикултура Ендру Џајлс, министерката на Викторија за енергија и природа Лили Амбросио, пратеничката Бронвин Хафпени, и опозициониот пратеник Еван Мулхоланд.
Во исполнетата сала забележавме претставници од македонските заедница од НЈВ, Западна Австралија, Јужна Австралија, потоа Светскиот македонски конгрес, МПЦ “Св Петка” од Рокдаел, МПЦ “Св Јован Крстител” од Џилонг и од пензионерските друштва.
Претседателот на МПЦМВ, господин Џон Бранов одржа пригоден говор за свеченото отворање и ја истакна намената на новиот МКЦ, што ќе биде посветена на културните вредности и социјалната одржливост на македонската заедница. МКЦ ќе создаде важни социјални бенефиции а ќе ја зголеми целокупната благосостојба на македонската заедницата и ќе обезбеди можности за разни општествени иницијативи и активности.
Убаво е да се присетиме дека присутната пратеничка Бронвин Хафпени, која го претставува подрачјето на Томастаун, овозможи од владата на Викторија да се добие финансиска поткрепа од $375,000 за изградбата на овој Македонски културен центар.
Освен големото залагање на пратеничката Хафпени тука беше и повеќегодишната неуморна работа на целокупната управа на чело со починатиот претседател Мирчо Ангеловски, кои професионално го изведоа процесот на вистински пат.
Потоа следеше малку забава и настап на играорците на КУД “Чекор”.
За сите оние што не можеа да присуствуваат на оваа прослава, што беше целосно распродадена, добро е да се потсети дека в сабота, на 7 октомври, ќе се организира отворен ден за донации со барбекју и активности за деца.
Честитка за Македонската православна општина за Мелбурн и Викторија, која успешно продолжува да работи за иднината на заедницата.
13 Aug 2024