Се намалува бројот на повредени кои остануваат на болничко лекување – критични четири пациенти

Се намалува бројот на повредени од пожарот во дискотеката во Кочани на кои им е потребно болничко лекување. Досега дома се околу 30-ина (од Србија, Турција, Унгарија, Австрија, Италија, Грција, Хрватска, Шведска, Шпанија, Белгија). На третман во странски центри остануват околу 80 повредени. Меѓу нив се и 4-цата пациенти кои се во критична состојба. Министерот за здравство соопшти дека состојбата им е стабилна, дека се на интензивна нега (но последните информации се дека сепак кај двајца состојбата се влошила).

– После десет дена среќен сум што немаме ниту еден починат од тие што ја преживеаја несреќата во Кочани. Тие 4-ца за кои бевме загрижени и ние и колегите лекари во странските центри одредени лабораториски иследувања покажуваат подобрување во однос на претходните денови, но се уште се во критична состојба, рече министерот Арбен Таравари.

Процедурата при враќање на пациентите од странство е таква што по пристигнувањето во Македонија тие поминуваат 24-48 часа во домашните болници (за да се видат стабилизираните парметри) и потоа се пуштаат по дома.

 Од оние пациенти кои беа згрижени во македонските болници, хоспитализирани остануваат само уште десетина.

Ќе се погрижиме не само за здравјето туку и за естетскиот изглед на пациентите

За опоравување на некои пациенти од несреќата во Кочани сигурно ќе бидат потребни неколку недели, меѓутоа ќе имаме и такви пациенти на кои ќе им биде потребна рехабилитација повеќе месеци, рече министерот за здравство Таравари.

– Подготвени сме за секој детал, бидејќи не се работи само за физичко здравје, туку и за естетски изглед, бидејќи се работи за млади лица со старосна граница од 15 до 35-40 години. Да се погрижиме за секоја ситница, целта ни е овие деца да продолжат да живеат нормално и да не бидат стигматизирани во општеството поради нивниот изглед, бидејќи изгорениците остануваат со одредени последици, генерално повредите се во рацете и лицата на овие деца – рече Таравари.

На шест пациенти кои се лекуваа на Универзитетската клиника за хируршки болести во Скопје веќе им е направена трансплантација на кожа поради степенот на изгореници.

Според министерот на 40-50 од повредените ќе им биде потребна подолготрајна рехабилитација, разни последователни операции.

Во меѓувреме тимови од пластични хирурзи од скопските клиники веќе одат во Кочани за да ги проследат пациентите кои веќе се на домашно лекување.

Наместо пациентите на 2-3 дена да доаѓаат за преврски во Скопје, тимови од лекари ќе одат во Кочани. Во кочанската болница услови има – но нема доволно кадар и материјали. Затоа освен што ќе се испратат повеќе тимови, тие ќе носат и се што треба за преврска на изгореници.

Обновување на Центарот за изгореници

И покрај брзата реакција на здравствениот сектор, трагедијата во Кочани ги исфрли на површина дел од слабостите во здравството. Според министерот за здравство Арбен Таравари се покажало дека неопходно е интегрирање на клиниките од Клинички во една целина со која ќе раководи еден директор.

– И затоа набргу ќе инсистирам во координација со сите релевантни политички фактори барем да почнеме со хирургија, а потоа цел Клинички центар да биде една единица. Многу подобро би се организирале да имаме еден диригент отколку десет, рече Таравари.

Деновиве здравствените власти повторно ја актуелизирале и темата за отворање на нов Центар за изгореници, кој најверојатно ќе биде сместен во ГОБ „8 Септември“ на местото на ковид-центарот, но ќе биде потребен медицински кадар и опрема.

Screenshot

Останати вести