Се случи бојкот поради цените – помалку потрошувачи во маркетите

Голем број граѓани на Македонија во петокот (31 јануари) одлучија да го поддржат бојкотот и да ги заобиколат големите вериги на маркети, како реакција на високите цени на производите.  Отсуството на редици на касите во маркетите беше забележливо уште самото утро, со отворањето на вратите за потрошувачите, а сликата на полупразни маркети продолжи и во текот на денот.

Граѓаните не се сигурни колку ваквите иницијативи ќе имаат ефект, но велат дека тие ја испратиле својата порака. Други сметаат дека треба да се бојкотира подолго и не само на синџирите маркети зашто цените поскапеа сегде: и во кафулиња и во ресторани и на зелените пазари.

Од Управата за јавни приходи (УЈП) најавија дека ќе излезат со информација дали и за колку бил намален прометот во трговските синџири тој ден.

Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, пак, вели дека постои ризик бојкотирањето да стане секојдневие. Излезот од ситуацијата го гледа во дијалог.

– Мислам дека овие нови форми и методи на вакви активности кои што одат преку социјалните мрежи ќе станат секојдневие и ние треба да ги почитуваме и поддржуваме. Но тоа треба да биде знак за сериозен разговор кој ќе довее до решение а не само да се регистрира проблемот. Ние донесовме еден закон кој требаше да спречи вакви работи и тој предизвика силни тензии во општеството и меѓу институциите. Ние ќе се однесуваме најодговорно и со Владата ќе бараме решение. Ќе поддржам се што има реална основа но ќе инсистирам како претседател на Комората каде се и овие ланци на маркет да се најде решение низ дијалог, изјави Азески.

Повиците за бојкот на маркетите преку социјалните мрежи дојдоа откако се појавија вести за слични граѓански акции во регионот – во Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и во други држави.

Интересно е што бојкотот доби поддршка и од политичките партии, како од владејачката ВМРО-ДПМНЕ така и од опозицискиот СДСМ.

Резултат на бојкотот: 47% помалку потрошено во синџирите маркети

Споредено со петокот една седмица претходно и денот пред бојкотот (четвртокот, 30 јанури) прометот во осум најголеми синџири на маркети низ Македонија бил намален за 46.29% – соопшти УЈП.

Во пари тоа би било околу 110 милиони денари (A$2.8 милиони) помалку што не ги потрошиле граѓаните во бојкотот како израз на револт од самоволието на трговците со цените. Ако во просек населението на Македонија троши околу A$5.8 милиони дневно во овие маркети, во петокот на 31 јануари оваа сума се преполовила и изнесува околу А$3 милиони.

Останати вести