Синодот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија на местото на починатиот владика Тимотеј едногласно го избра игуменот Георгиј за нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија, единствениот кандидат предложен од МПЦ. Новозибарниот митрополит Георгиј до неодамна беше декан на Богословскиот факултет, во текот на само неколку дена помина низ духовна преобразба – се замонаши на 27 мај, на 28 мај беше ракоположен за јероѓакон, а на 29 мај за јеромонах. На празникот Педесетница беше произведен и за игумен од страна на архиепископот г.г. Стефан.
Синодот на МПЦ-ОА, во официјалното соопштение, не соопшти дали на синодската седница (во полн состав) било отворено и прашањето за избор на администратор, или на митрополит на испразнетата Австралиско-сиднејска епархија. Со оваа епархија администрираше покојниот владика Тимотеј и сега синодот треба да избере негов наследник. По смртта на Тимотеј, со оваа епархија времено управува архиепископот Стефан (веројатно така ќе остане уште некое време).
Според досегашните неофицијални информации за оваа епархија во Австралија се спомнуваа неколку имиња, но засега нема никаква официјални потврди.
Едно од сценаријата е како администратор во Австралија да замине Струмичкиот митрополит Наум. Втората опција е тој во Сиднеј да замине како митрополит, а во исто време на тронот на Струмичката епархија како митрополит да биде избран сегашниот викарен епископ Јаков.
Но, последните неофицијални информации зборуваат за уште една варијанта. Таа подразбира за митрополит на Австралсико-сиднејската епархија да биде избран епископот Велички Никола, викар на владиката Петар. Таквата опција би значело после осум години мир повторно отворање на старите рани и непредвидливи проблеми што е најава дека можеби ќе бидеме сведоци на нови црковни судски спорови во Австралија.