Сиљановска-Давкова во Софија: Ако се слушаме и почитуваме, ако имаме волја да се разбереме – тогаш решението е на дофат

– Убедена сум дека денешниот разговор во една дебатна пријатна атмосфера ќе вроди со плод. Не можам да кажам дека утре ќе се случи тоа, но важно е да почнете, изјави претседателката Гордана Сиљановска Давкова по средбата во Софија со нејзиниот бугарски колега Румен Радев. Таа изјавата за медиумите ја даде на улица. Иако бугарскиот домаќин ја пречека пред претседателската палата и ја воведе внатре, по средбата тој остана во својата канцеларија.

Сиљановска-Давкова пријде до новинарите кои ја очекуваа и спомна дека е направен „голем исчекор“ иако не е јасно за што се работи.

– Уште еднаш се покажа дека кога ќе седнете и разговарате водени од добра волја bona fide, а не од mala fide ќе направите еден голем исчекор кон пронаоѓање заеднички важни решенија. Јас не сум случајно овде, дојдов за да разговарам и, се разбира, сега го очекувам претседателот Радев да дојде во Скопје. Датумот не е утврден, но одредивме околу што би можело да биде доаѓањето. Сигурна сум дека, како што честопати велам мислата може да биде побрза од светлината ако се слушаме, ако се почитуваме, ако имаме волја да се разбереме, тогаш решението е на дофат, рече Сиљановска Давкова.

Прашана околу што се согласиле со Радев, таа посочи дека се обединиле околу европската интеграција, копенхашките критериуми, регионалниот пристап на решавање на проблемите, околу фактот дека Скопје нема да ги повторува научените бугарски лекции на патот кон ЕУ туку ќе ги добие решенијата оти ќе трагаме по компромис и заедничко решение без никој да се чувствува навреден или повреден и без никој да мисли дека бил заборавен.

– Искрено секој од нас го кажа своето видување, со респект се сослушавме. Факт е дека ние ги претставуваме националните интереси на едната и на другата држава, но и факт е дека дијалогот е клучното решение. Убедена сум дека по денешниот разговор во една дебатна, пријатна атмосфера, дека ќе вроди со плод. Не може да кажам дека утре ќе се случи тоа, но поважно е да се почне. И кој ако не меѓу првиот човек на нацијата, таткото, и јас од другата страна, рече Сиљановска Давкова.

Во врска со внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав рече дека за тоа не разговарале со Радев но нејзиниот став е познат, а дека одлуките за овие прашања ги носат пратениците во парламентот и не зависат од ставови на поединци.

Бугарскиот претседател Румен Радев по средбата не даде изјава за медиумите, но мошне брзо на неговата официјална интернет страница осамна соопштение во кое се нагласува дека тој очекува „искажаната желба од Сиљановска Давкова за дијалог и разбирање да стане конзистентна политика на Владата на РСМ“.

Зошто без македонско знаме на средбите кај Радев и Тодоров?

Изоставувањето на државното знаме на средбата на македонската претседателка Сиљановска-Давкова со нејзиниот бугарски колега Румен Радев во Софија предизвика бурни реакции во јавноста. Македонското знаме го немаше ниту на фотографијата од средбата на министрите за култура Љутков (МКД) и Тодоров (БУГ).
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе бара одговор од од Софија зошто го немаше државното знаме на средбата со бугарскиот председател Радев, рекоа од Кабинетот на претседалеката.

Средбата и заедничкиот ручек поминаа во извонредно пријателска атмосфера, од пречекот до крајот. Она што фрли сенка на настанот е отстапувањето од договорениот протокол за средбата, според кој, не требаше да има фотографии во рамките на затворениот простор. Но, за жал, пред почетокот на тет-а-тет средбата, претседателот Радев ја покани претседателката да направат заедничка фотографија пред бугарското знаме, иако ваков потег и чин не беше предвиден, ниту договорен. Сакаме да веруваме дека се работи за протоколарен превид, а не за намерна постапка и отстапка од договореното и веќе утре ќе побараме објаснување од бугарска страна, стои во соопштението на Кабинетот на Сиљановска-Давкова.

Останати вести