Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова смета дека нема потреба од промена на химната, додека за нов државен грб таа стравува да не влеземе во нови страсни конфликти во време кога во светот се случуваат драматични промени.
– Прво ако ме прашувате за химната апсолутно мислам дека нема потреба од нејзина промена. Химната никогаш не одразува сегашност, секогаш одразува историска меморија, генеза и ние немаме право, јас не сум чула да се менува, дури и во рамките на ЕУ, во обид да се донесе Уставот на ЕУ во 2005 година, беше предвидена химна, не дојде до тоа. Целата историја сите народи креирале песни или химни кои се најважниот државен симбол, затоа текстовите на химните во најголем број држави се во Уставот. Описот на знамето е во Уставот и грбот е опишан во Уставот – во законот над законите – вели Сиљановска Давкова.
Според претседателката кога се работи за грбот, тој има симболи коишто укажуваат повеќе на географијата, отколку на нешто што било белег низ историјата.
– Имам само една дилема околу моментот на отворањето на прашањето. Не негирам дека низ историјата најприсутен симбол бил лавот, црвениот на златната основа, имаше и разговори меѓу коалициските партнери за тоа. Мојата дилем е следна, секогаш кога почнуваме да разговараме за вакви прашања, етнички прашања, симболи со таква страст тоа го правиме што не ни останува време за соочување со вистинските дилеми. Ако денеска зборуваме за драматични промени треба ние да се адаптираме на драматичните промени, се плашам да не влеземе во нови страсни конфликти а симболите треба да обединуваат, а не да разединуваат – вели шефицата на државата.