Со положување на цвеќе, свечена академија и доделување на традиционалните награди „11 Октомври“ беше одбележан Денот на народното востание – 11 Октомври. Во Музејот на македонската борба за самостојност се одржа свечена академија, под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Таа во своето обраќање порача дека 11 Октомври е денот кога македонскиот народ без колебање ја има избрано вистинската страна во најголемата војна во историјата на човештвото, и како што рече „неслучајно македонската држава за која копнееја Илинденците и за која се изборија антифашистите, трае веќе 80 години“.
– Нас никој не нè ослободи, сами се ослободивме со помош на над 110 илјади Народно-ослободителна војска за Македонија. Нам никој не ни ја подари државата, сами се изборивме за неа. За нас антифашистичката беше и истовремено и народно-ослободителна војна, во која дадовме 24.000 жртви, затоа ние не смееме да дозволиме историски ревизионизам и релативизирање на народно ослободителната и антифашистичката борба, бидејќи со тоа би се поткопале илинденските и антифашистичките темели, врз кои е изградена македонската држава, рече претседателката Сиљановска Давкова.
Премиерот Христијан Мицкоски порача дека народниот дух на пркос и непокор кој беше демонстриран на тој 11 октомври 1941 година трае и ден денес, тој е движечка сила за промени и подобро утро.
– Ако нашите дедовци имаа за цел да ја ослободат државата, нашата цел е да ја развиеме Македонија. Ерата пред нас ќе биде одбележана со економски напредок и развој, правна сигурност на системот и владеење на правото, борба против криминалот и корупцијата, иднина за сите граѓани, нови работни места, перспектива за младите и конечно обезбедување на подобар и поквалитетен животен стандард. Како генерација политичари, ние немаме втора шанса, и оваа шанса и доверба која ја ни ја дадовте мораме да ја зграпчиме и од истата извадиме најмногу што можеме, тоа им го должиме на сегашните, но и на идните генерации на кои мораме да им обезбедиме својата иднина да ја градат тука, зошто ни е аманет од тие пред нас. Само заедно сложни Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци можеме да градиме единство, иднина и просперитет, порача премиерот Мицкоски.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, порача дека борбата на партизаните мора да ја продолжиме и повика на обединување на сите граѓани во Македонија.
– На овој ден се потсетуваме и ја славиме херојската и беспоштедната борба на борците за слобода на нашата држава. Без оглед на влогот, пречките и тешкотиите на кои наидуваа во нивната борба, тие опстоија и се изборија за слободата во која живееме денес. На нас како нова генерација политичари е да ја продолжиме праведната борба – денес се бориме за подобри стандарди, за просперитет, за европска иднина на Република Северна Македонија. Во денешната борба може да успееме само ако сме сплотени, здружени и единствени. Честитајќи ви го 11 Октомври, повторно повикувам на обединување на сите граѓани Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Бошњаци и сите други, да се обединиме и да ја добиеме битката за подобро утре за сите нас, стои во честитката на спикерот Гаши.
По повод државниот празник повеќе здруженија, граѓани, владини и собраниски делегации, државни институции, претставници од амбасади, установи и политички партии положија цвеќе во Скопје, Прилеп и Куманово.