Македонската и бугарската делегација, во присуство на претставници на Европската комисија, на 31 октомври во Софија се договорија не само да продолжи изградбата на пругата од Коридорот 8, туку и тунелот на Деве Баир да го гради еден изведувач.
Според соопштението македонските претставници истакнале дека Македонија не отстапува од железничкото поврзување и на овој проект гледа како на регионален проект со кој се потенцира развојот на европските транспортни мрежи.
Било прифатено целиот проект во делот фаза 3 (делница Крива Паланка – Деве Баир), да биде преиспитан од причина што сегашната цена е превисока и неразумна со интенција таа да се намали. Двете делегации се согласиле да се користи техничкиот проект за тунелот поднесен од „МЖ Инфраструктура“.
Бугарското министерство соопшти дека претставниците на ЕИБ и ЕБОР изразиле поддршка за одлуката еден изведувач да го гради тунелот и се подготвени да помогнат во подготовката и спроведувањето на тендерската постапка. Која од страните ќе ја спроведе јавната набавка за изведувачот на тунелскиот објект ќе се одлучи во следните разговори со потенцијалните финансиски институции. Двете земји ќе формираат работни групи со цел да се подготви потребната документација за тунелот.
Овој состанок уследи по средбата што на 16 октомври во Брисел ја имаа претставници на Македонија и на Бугарија, а на кој двете страни постигнаа согласност заеднички да продолжат со изградбата на железничката пруга на Коридорот 8.