Со ставањето во функција на базната станица во Генералниот конзулат во Мелбурн се заокружи проектот за полесно и побрзо добивање на македонски пасош за иселениците. Досега за издавање пасоши на македонските државјани кои живеат во странство се испраќаа мобилни екипи од МВР кои со опрема заминуваа во ДКП-ата, вршеа фотографирања и земаа податоци, потоа се враќаа во Македонија каде се изработуваа пасошите – а додека не се вратеа во земјата податоците не беа во системот на МВР. Времето за издавање на патните документи беше во просек четири до шест месеци а тимовите на МВР по неколку пати во годината патуваа во ДКП-та.
Со поставувањето базни станици во избрани дипломатско-конзуларни претставништва драстично се скратува времето за добивање македонски пасош. Базни станци се поставени уште и во: Минхен, Бон и Берлин, Брисел, Берн, Виена, Венеција, Лондон, Стокхолм, Њујорк, Чикаго, Торонто. Оваа во Мелбурн е единствена на јужната хемисфера и ќе ги опслужува Австралија и Нов Зеланд. Фотографирање ќе се организира и во други градови освен Мелбурн.
Процедурата останува слична: се пријавувате за фотографирање во дипломатско-конзуларното претставништво (03 / 7023 0675) и добивате термин со тоа што сега податоците веднаш директно се испраќаат во МВР во Скопје. Исто како да сте биле во базна станица во Македонија. Оваа во Мелбурн е функционална околу две седмици но според искуствата од САД и Канада, пасошите на нашите сонародници наместо за неколку месеци им стигаат за неколку недели.
Цената на пасошот засега не е променета и изнесува А$50.
Македонците во Австралија кои се државјани на МКД не се обврзани но упатно е да поседуваат важечки пасош. Без разлика дали ќе одбереме да го користиме за гласање или за било какви приватни работи што ќе искрснат во Македонија.
Дури и ако имаме полн куфер забелешки на тамошното (не)работење на бирократијата, селективност во примената на законите, грубото качачко однесување или не можеме да ги смислиме политичарите што повикуваат на единство а единствено постигнуваат незапаметен раздор.
Сведоци сме дека и името на државата може да се менува (со колено на вратот) но просто не смееме да кренеме раце и да ја кошнеме на страна Македонија зашто со тоа ја предаваме во туѓи раце. Нејзиното бојкотирање од било која причина (едни велат додека не се стокмат работите како што сакаме, другите додека не се вратат името и знамето) е исто како да сме се откажале од неа.
Треба да сме свесни дека и во Австралија ќе бидеме Македонци се додека се чувствуваме и се декларираме како такви. Мора да ги одржуваме врските со земјата од која потекнуваме.
Немањето важечки македонски пасош прави да влегуваме во сопствената држава како странци кога ќе ја посетиме.