Со дела насликани со вино во Кавадарци одбележан Светскиот ден на вранецот

Со дела насликани со вино се дел од изложбата „Во слава на лозјето и виното“, во Музеј галерија Кавадарци, со која се одбележа 5 октомври – Светски ден на вранецот.

Иако „вранецот“ традиционално се поврзува со Црна Гора, оваа сорта е широко распространета низ целиот балкански регион. Во Македонија таа зазема најголема површина, претставувајќи околу 50% од вкупните лозови насади и речиси 70% од сите црвени сорти. „Вранецот“ е основа за производство на суви вина со уникатен и препознатлив вкус, кои го симболизираат винскиот идентитет на Балканот.

Трајче Цветков, виш кустос и историчар на уметноста, меѓу другото, подвлече дека виното, како уметност, раскажува приказна.

– Со себе го носи духот на земјата, трудот на лозарот и заедничките моменти на радост и славење. Секој потег на четката е проткаен со нијанси на фин винтиџ, доловувајќи го богатството на нашите искуства. Додека ја истражувате оваа изложба, ве поканувам да се нурнете во овие приказни, дозволете боите и текстурите да ве пренесат до лозја облеани со сонце, интимни собири и радосни здравици кои остануваат во нашите сеќавања, истакна Цветков.

Тој додаде дека овие дела ги надминуваат традиционалните техники, повикуваат да размислиме за ритуалот на конзумирање вино, вртењето на чашата, аромата на дабот и овошјето, начинот на кој доброто вино може да го подобри самиот момент.

Останати вести