Сто години од „Абецедарот“: Кои се неговите автори со грчки презимиња а го зборувале македонскиот јазик?

Георгиос Сагијаксис, Јосиф Лазару и И. Папазахариу се имињата на тројцата автори од Грција што на свој начин се влезени во македонската историја. Но, за нив се знаат мошне малку работи. А со оглед на она што го направиле, знаењата за нив би требало да бидат многу поголеми. Тие тројца се автори на историското дело за Македонците што сега живеат во Грција – на првиот учебник за најмладите македонски ученици, на првиот буквар наречен „Абецедар“, направен и објавен во 1925 година и чиј еден век од објавувањето ќе се одбележува годинава. Букварот е историски оти тогаш станал највреден и најочигледен доказ за постоењето на посебното македонско национално малцинство во Грција, а кое сега не е признато. Тоа произлегува од говорот, наречјето и од буквите што се употребени во него. Односно, очигледно му припаѓаат на македонскиот јазик и се различни од бугарскиот и од српскиот јазик, држави од кои, во тој период, и натаму стигнувале ставовите дека словеноговорното население во тие делови на Егејската Македонија е Бугари, односно Срби.

Но, ставот на властите на тогашната грчка држава, изборот на авторите, на содржината на букварот, кој потоа бил направен и отпечатен, покажале дека тој народ на кој му е наменето изданието се третира како посебен, со посебни јазик и култура. Познато е веќе одамна дека до изработувањето на „Абецедарот“ дошло по меѓународен притисок и покровителство од Друштвото на народите во Женева, согласно со обврските предвидени со Договорот од Севр, во 1920 година и Женевскиот протокол (Политис-Калфов) од 1924 година, врз Грција. Тогаш било побарано од грчките власти да се обезбедат услови за образование на негрчкото население, односно на граѓаните што не го зборуваат грчкиот јазик. Грчката Влада тогаш определила тричлена комисија, која добила задача да го направи првиот буквар за најмладите ученици во тие подрачја. И авторите Георгиос Сагијаксис, Јосиф Лазару и И. Папазахариу набрзо потоа го изготвиле првиот буквар, кој бил отпечатен во 1925 година, во Атина, со цел да им се подели на македонските ученици.

„Баба дава вода“, „Дедо вика баба“, „Мама вика дома“, „Дома има вода“, „Татко и маика одат дома“, „Детето има топка“, „Маика ми молдзи козата“… се дел од речениците со кои се опишува употребата на буквите Б, Д, М… наведени во букварот и со кои требало да се описменуваат првачињата.

Историчарката Нада Јурукова вели дека јазикот што е употребен во букварот е речиси идентичен со оној што го користел и го зел за основа на македонскиот литературен јазик Крсте Петков Мисирков.

– Основните принципи и карактеристики на јазикот во букварот не се разликуваат од јазикот, азбуката и од правописот на Мисирков во 1903 и во 1905 година. Тоа е западномакедонско наречје од битолското, прилепското и од леринското подрачје. Од „Абецедарот“ е јасно дека тројцата автори одлично го познавале македонскиот говор од тие подрачја. За жал, за нив не знаеме многу. Имињата се наведени во букварот, но не знаеме многу за тоа каде живееле, каде така одлично го научиле македонскиот јазик, дали се етнички Македонци или, можеби, Власи, Грци… – наведува Јурукова за „Вечер“.

На тоа дека е потребно да се дознае повеќе за биографиите на тројцата автори беше укажано и преклани, на конференцијата по повод на 98-годишнината од објавувањето на првиот буквар на македонски јазик.

– Ќе биде потребно дополнително истражување за да се открие нивната етничка припадност, зашто дијалектната база врз која го пишувале букварот се совпаѓа со онаа на Мисирков од книгата „За македонцките работи“. Многу малку се знае за тие луѓе, дали се Грци по род или се Македонци, дали се Грци по род билингвални, кои го знаеле, веројатно, и македонскиот јазик – беше кажано на конференцијата одржана во МАНУ, пред две години.

Историчарката Јурукова вели дека засега може само да се претпоставува околу потеклото на авторите, но дека би било добро доколку се истражи тоа во историските архиви, иако е тешко.

Грчкиот публицист Никос Диму, кој во изминативе години неколку пати има објавувано статии во грчките медиуми за големото значење на „Абецедарот“, во весникот „То вима“ наведе и неколку податоци за авторите.

– „Абецедарот“ е составен од грчкиот етнолог лингвист Георгиос Сагијасис, кој студирал лингвистика во Германија, со стипендија од Министерството за надворешни работи, и од грчките филолози Јосиф Лазару и И. Папазахариу. Грчкиот вршител на должноста Василиос Дердамис со гордост го претставил букварот пред Друштвото на народите на 10.11. 1925 година, велејќи дека „македонскиот јазик се разликува од бугарскиот и затоа е создадена оваа азбука за него“ – напиша Диму.

И Павле Филипов Воскопулос, еден од водачите на партијата на Македонците во Грција „Виножито“, вели дека има само оскудни податоци за биографските податоци на авторите на „Абецедарот“.

– Според податоците до кои успеав да дојдам, авторот Папазахариоу, најверојатно, потекнувал од македонското село Сухо, во близината на Солун. Говорот од Сухо,  историски е познато, е основата на кирило-методиевскиот јазик на кој се напишани првите словенски книги од двајцата солунски браќа.

Но, Сухо е село во кое имало силно грчко влијание за погрчување на населението, а во што била вклучена и Патријаршијата. Јасно, тешко е да се каже како се чувствувал Папазахариоу, но македонскиот јазик, веројатно, оттаму го познавал. За Сајаксис се знае дека бил стипендист на грчката Влада во текот на борбата на Грција да заземе македонска територија пред 1913 година. Интересно е да се види етимологијата на неговото презиме, оти „сајаик“ е турски збор и значи басма од волна. За третиот автор, Лазароу, немам многу податоци, но, можеби, тој имал влашко потекло – вели Воскопулос.

На Интернет, инаку, може да се најдат податоци за Георгиос Сагијаксис, од кои се гледа дека е роден во 1874 година, во Манастир (односно во Битола). Наведено е дека бил поет и дека починал во 1942 година во Солун. Но, сепак, ова се недоволни и малку податоци за авторите што го преточиле македонскиот говор од тоа подрачје во првиот учебник за македонските првачиња.

Историчарот Блаже Ристовски, во својот научен труд посветен на „Абецедарот“, го цитирал и грчкиот публицист Зафирис, кој во весникот „Елефтериу Вима“, меѓу другото, во октомври 1925 напишал дека „сега се има буквар за словеногласните и дека ќе се користи во училиштата што ќе бидат отворени во грчка Македонија и Западна Тракија“.

Но, потоа, познато е, овој учебник не дошол до нив. Набрзо по печатењето, „Абецедарот“ бил запленет и уништен од грчката Влада, под влијание на силите што го негирале постоењето на македонската посебност. Со тоа била загубена и единствената врска на тамошните Македонци со својот јазик. Но, сепак, биле зачувани неколку примероци и врз основа на нив, прво во 1993 во Перт а потоа во 2006 година, во Солун се објавени фототипски изданија на букварот, надополнети и со други содржини од Македонците во Грција. Иако Македонците во Грција и натаму се непризнати како посебно национално малцинство, сепак „Абецедарот“ е силен доказ за нивното постоење и има свое историско значење.

(„Вечер“)

„Абецедарот“ е буквар на леринско-битолско наречје нарачан од страна на Министерството за образование на Грција (Оддел за образование на негрчкото население) бидејќи според Договорот од Севр (1920) Атина била обврзана да овозможи основно образование и религиски права за малцинствата на нивниот јазик. Грција во 1924 прво потпишува договор за „словеноглосите“ прво со Бугарија (во Женева протоколот го потпишале министрите за надворешни на Грција и Бугарија, Николаос Политис и Христо Калфов) но не го ратификува во својот парламент. Истовремено стигнала реакција од Белград кој тврдел дека долж границата на Кралството СХС и Грција не може да има „бугарско малцинство“ туку само „српско“. Атина во 1925 потпишала договор и со Белград што исто така не го ратификувала во парламентот. Но, под притисок на Лигата на народите (и за да ги добие финансиите кои биле ветени) Грција го печати „Абецедарот“ ама на латиница (за да не дозволи доаѓање на учители ниту од Србија ниту од Бугарија). Василис Дендрамис, грчкиот претставник во Лигата на народите, тогаш изјавил дека македонскиот словенски јазик не е ниту бугарски ниту српски, туку независен јазик.
Во „Абецедарот“ се користени 27 латинични букви: има букви за темниот вокал „ъ“ или за меко „ü“ (ја местите устата за „ј“ ама изговарате “у, наменето за палатализација на консонантот пред „у“ – за зборови како „лјубеница“), ама нема „ѓ, ќ,џ, ќ и ѕ“ (тие се добиваат со диграфеми „gj, kj, dz…).

Останати вести