Струмица беше балканско Рио

Низ струмичките улици уште еднаш кулминираше вековната карневалска традиција со Интернационалното карневалско дефиле, на кое продефилираа 35 групи со над 1.000 учесници од земјата и странство. Тие повеќе од три часа дефилираа, танцуваа, играа и ги промовира своите карневалски креации.

Бројот од 35 карневалски групи е намерно избран бидејчи манифестацијата годинава одбележа 35 годишен јубилеј во оваа форма. Традиционално први настапија струмичките мажоретки, а за кусо време адреналинот го кренаа загребските, едни од најдобрите во светот.

На почетокот на карневалот се обрати градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.

– Зошто Струмичкиот карневал е најпосетен настан во Македонија? Зошто ни се полни кафулињата и хотелите и улиците? Тоа е така бидејќи Струмичкиот карневал не познава политички партии. Затоа што Струмичкиот карневал не познава ниту вера, религија, не познава ниту раса. Струмичкиот карневал не обединува сите нас, во сите можни бои и затоа имаме обврска нашиот карневал да го чуваме и негуваме како зеница во окото, рече струмичкиот градоначалник кој во своето обраќање ги поздрави гостите од земјава и странство, претставници на дипломатскиот кор во државата, пратеници…

Најдобрите карневалски креации ги оценува жири комисија, а и публиката можеше преку онлајн гласање да гласа за една маска. За најдобрите во повеќе категории се предвидени парични награди.

Карневалските празнувања во Струмица се одржуваат во чест на празникот Прочка. Трае пет дена – од сабота до среда – кога принцот и принцезата на карневалот му ги враќаат клучевите од градот на градоначалникот.

Останати вести