Дарко Костовски, еден од тренерите на теквондистот Дејан Георгиевски и во моментов градоначалник на Општина Бутел, реагира на изборот на Агенцијата за млади и спорт (АМС) и одлуката одличјето за најдобар спортист на 2022 година да замине во други раце.
Дејан Георгиевски освои олимписко сребро на Летните олимписки игри, потоа донесе уште неколку медали од престижни гранпри натпреварувања, меѓутоа предност пред него доби борачот Владимир Егоров, инаку натурализиран македонски спортист кој како член на БК Балканец од Штип донесе златен медал од Европското првенство.
Во реакцијата, Костовски вели дека е неправедно натурализиран спортист да добие предност пред домашен спортист кој се изградил во Македонија.
„Дали можеби ви пречиме затоа што се што правиме е за неа, дали можеби ви пречи нашата љубов према Македонија, таа љубов е носител на најголемиот спортски успех во независна Македонија!
Во налик на приватна забава со еден куп намерни грешки, убивање на национален дух, пазарџиски договори и елементарно незнаење мина изборот за најдобар спортист на Македонија за 2022 во организација на Агенцијата за млади и спорт (АМС).
Најнапред како за пример би посочил дека на ниту еден избор за најдобар спортист од како што постојат до денес, еве не мора подалеку да ги земеме околните држави, Србија, Хрватска, Бугарија, Словенија па и Југославија никогаш не се ни споредувале неолимписките успеси со олимписките, а камо ли грешно да се одлучи. Врвен спортски резултат е оној кој што е постигнат во олимписки спорт. Секогаш, ама баш секогаш најдобрите спортисти, тренери доаѓале од олимписки спортови. Што и да додадам понатаму е беспредметно и илузорно.
На годинешниот избор за најдобар спортист два врвни резултати кои се мечуваа беа првата историска бронза од финално Гран При на Дејан Георгиевски и европското злато на Егоров во борење. Два резултати кои во секоја смисла на зборот се за врвна почит и тука дилема нема. Нијанси можеби решаваат кој е поголем. Дејан Георгиевски е наш домашен производ, кој работел, тренирал, тагувал, се радувал тука под домашни македонски услови, чист македонски производ кој покажа дека и од нашите македонски услови може да се покорат олимписките велесили како Соединетите Американски Држави, Кореја, Куба, Британија итн. Македонски спортист кој во континуитет е во самиот врв на еден олимписки спорт, пример кој досега го немало во самостојна Македонија.
Егоров е врвен борач, со апсолутно респектабилни успеси, но е натурализиран Македонец со првично руско државјанство, човек кој не излегол од македонските школи за борење, спортист кој практично нема ништо со македонскиот спорт. Човек кој живее, работи, тренира секаде само не во Македонија. Иако Дејан Георгиевски беше прворангиран, сепак Владимир Егоров беше прогласен за спортист на годината и искрено му честитаме.
Но, она што сакам да го истакнам е тоа дека Дејан Георгиевски и Владимир Егоров имаа слични резултати, едниот домашен наш производ другиот не, нашиот производ не е прогласен за најдобар и оваа година како лани, да се разбереме не треба никој да го прогласува за ние да знаеме дека Дејан е најдобар не само годинава, туку во олимписката историја на независна Македонија. Зошто Дејан не треба да е и оваа година најдобар спортист!?
Каква порака се испрати на младите македонски спортисти кои сонуваат за врвни олимписки резултати, кој повеќе се цени нашиот домашниот спортист или некој што нема допир со Македонија!? Да имаше драстична разлика помеѓу резултатот на Егоров со вториот резултат по него, разбирливо би било, но вака!?
Уште еден парадокс, Дејан Георгиевски има бронза на финале Гран При во олимписки спорт, европски шампион на клупско европско првенство, Филип Додевски петти на Светско првенство во олимписки спорт, Дејан прворангиран спортист за најдобар спортист годинава, а Борче Костовски нивниот главен тренер не беше ниту номиниран за најдобар тренер оваа година. Кој толку се исплаши и зошто и оваа година Борче Костовски да биде најдобар тренер во Македонија?
Не е првпат да не минираат, во 2017 година на Дејан Георгиевски му го оспорија првото злато на Европско првенство во олимписки спорт за Македонија како независна држава. Сето ова изгледа ќе мораме да го засениме со уште еден, или можеби два олимписки медали, иако до Олимписките игри во Париз оние кои сега бираат веќе ќе бидат минато и искрено се надевам дека многу работи во македонскиот спорт коренито ќе се променат!
Одиме понатаму, за Македонија“, стои во реакцијата.