Украина одбила донација од41 воен авион од Австралија

Киев одбил донација од 41 авион Ф/А-18 Хорнет од Австралија минатиот март со образложение дека авионите се „старо ѓубре“, пишува австралискиот „Фајненшл ривју“. Овој потег предизвикал два месеца подоцна американскиот претседател Џо Бајден да им одобри на западните земји од групата Г7 да испратат понови авиони од четвртата генерација.

Австралијанскиот весник цитира претставник од австралиската одбрана кој вели дека се сеќава оти украински функционер од воздухопловните сили ги нарекол авионите „старо ѓубре“.

– Тоа во основа го уништи договорот за Ф/А-18. Да не го направеа тоа, сега ќе летаа над Украина – вели изворот.

Киев во декември се предомислил и ги побарал авионите, но портпаролот на австралиското Министерство за одбрана изјави за весникот дека авионите веќе се во завршна фаза на демонтирање.

Интересно е дека познатите „хорнети“ од типот Ф/А-18 се исто така авиони од четврта генерација, но се потешки авиони со два мотори и ги произведува друга компанија. Според написот, украинските власти се плашеле дека одржувањето, инфраструктурата и обуката за пилотирање би била пренапорна за армијата во услови кога Украина веќе преговарала со Норвешка, Данска и Холандија за воените авиони Ф-16 од типот „Fighting Falcons“. Тоа значи дека ќе требало да се прават посебни обуки за двата типа авиони.

Во моментот Австралија и Украина преговараат за можна донација од 22 австралиски тенкови М1 Абрамс или нападни хеликоптери „Еурокоптер Тигар“, според еден извор кој е вклучен во процесот.

Западните спонзори на Киев ветија дека испораките на авиони Ф-16 ќе започнат во 2024 година, а Данска и Холандија ветија до 61 борбен авион. Шведска вети дека ќе донира дел од своите авиони „Грипен“ откако земјата ќе биде примена во НАТО.

Останати вести