УНЕСКО ја заштити гајдата како нематеријално културно наследствона човештвото

Културното добро „Традиционална изработка и свирење на гајда“ од денеска е впишано на Репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото, соопшти македонското Министерството за култура. Номинацијата за ова беше поднесена од Македонија и Турција.

Македонија по 7 години впишува уште едно нематеријално културно добро на листите на УНЕСКО, со што вкупниот број на впишани заштитени добра од земјата е 6,  а 2 се заеднички со Турција (пролетната прослава Едерлез и гајдата).

Номинацијата беше подготвена со меѓусебна координација на македонскиот тим, составен од претставници од Управата за заштита на културното наследство и од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје, и експерти од Министерството за култура и туризам на Турција.

Македонија за првпат стана дел од државите со впишано нематеријално културно наследство на листите на УНЕСКО во 2013 со впишувањето на „Чет’рсе – празнувања на Светите Четириесет маченици во Штип“, потоа „Копачката“ – машко соборско оро од село Драмче, Пијанец“ (2014 ), заедничката апликација на  Македонија и Турција – „Пролетна прослава Х’дрлез“ и мултинационалната апликација на Македонија, Бугарија, Романија и на Молдавија – „Културни практики поврзани со 1 Март / мартинки“ (2017) на Репрезентативната листа на УНЕСКО на нематеријално културно наследство на човештвото, и со впишувањето на „Гласоечко – двогласно машко пеење во Долни Полог“ (2015 ) на Листата на УНЕСКО на нематеријално културно наследство за ургентна заштита.

Каков инструмент е гајдата и од што е составена?

Според „Википедија“ гајда или мешница е народен музички дувачки инструмент, составен од мев (мешина) од кожа на овца или коза, со три цевки за дување и за свирење.

Македонската гајда може да биде двогласна или тригласна, што се определува во зависност од бројот на бордунските елементи. Во Македонија најзастапени се двогласните гајди, а во одредени делови на Македонија се среќаваат и тригласни гајди. Најмногу гајди со слагарче се среќавале во Овчеполието.

Гајдата се состои од гајдарка, брчало, слагарче, дувало и од мев.

Гајдарката има седум дупки на лицето и една дупка за палецот на опачината; на крајот на цевката се прикачува славец. Брчалото (бучало или рог) е составено од три дела кои се навлекуваат еден во друг со што овозможуваат негово скратување и продолжување со што се постигнува посакуваната висина; истото произведува континуиран тон (вториот глас). Првиот дел во којшто влегува писката се нарекува пискарник, вториот среднак а третиот брчало. Слагарчето е составено од два дела кои исто така се навлекуваат еден во друг, овозможувајќи постигнување на потребната висина. Овој дел го имаат само тригласните гајди. Дувалото е поврзано со мевот. Преку дувалото повремено се надополнува мевот на гајдата. Мевот е направен од штавена овча или козја кожа.

Од каде потекнува македонската гајда?

Според „Википедија“ околу потеклото на гајдата постојат многубројни теории, а едно е сигурно дека инструменти со слични ерголошки карактеристиќи на гајдата во Македонија се среќаваат во повеќе делови од светот. Ова укажува на спонатноста во настанувањето на музичките инструменти кои се создавале, надоградувале и се усовршувале во одреден временски и географски простор. Потеклото на гајдата, како музички инструмент, генерално останува енигма бидејќи слични инструменти во денешно време се среќаваат во повеќе земји.

Андреј Трајковски: Звукот на гајдата го допира срцето и ги чува корените

Андреј Трајковски, младиот 26-годишен музичар, кој не само што свири на гајда, туку е и предавач за овој инструмент, вели дека е горд што има можност да го пренесе своето знаење и што сè уште има млади кои сакаат да го изучуваат и да свират на гајда.

– Одлуката инструментот гајда да биде заштитен од УНЕСКО има големо значење пред сè за државата, но и за нас музичарите кои го изучуваме и свириме овој инструмент. Имав можност и да видам како се изработува гајда и научив сам да ја поправам и да правам писки за неа. Мислам дека Пеце Атанасовски, кој беше познат изведувач на гајда и придонесе многу за нејзината афирмација, како и за етаблирање во македонскиот фолклор, би бил горд што Македонија заедно со Турција успеа да ја заштити изработката и свирењето на овој инструмент. Лично мислам дека сè додека има гајдаџии, односно млади деца кои го свират овој инструмент и додека имаме мајстори кои го изработуваат, таа ќе живее кај нас, вели тој за весникот „Вечер“.

– Сега има и млади кои почнаа да ги изработуваат народните инструменти иако таа бројка во Македонија се сведува на десетина, додека има околу стотина свирачи кои свират на овој инструмент, професионално или аматерски. Свирењето на гајдата не е лесно, но звукот што го произведува го допира срцето и ги чува корените и нашата традиција, истакнува Трајковски, додавајќи дека порано во секоја куќа во Овчеполието, во Гевгелиско, но и во многу други области во Македонија гајдата била присутен инструмент.

Останати вести