Уставен да оцени: Дали 800 функционери противуставно се спасија од прогон и од затвор?

Уставниот суд ќе ја разгледува иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на измените на Кривичниот законик од септември 2023 година, со кои бројни функционери се спасија од кривично гонење.

Во Судот се пристигнати две иницијативи во врска со контоверзните законски измени – една од Павле Трајанов, претседател на Демократскиот сојуз и уште една од Крсте Велевски.

Според Трајанов, Уставниот суд досега требаше да ја разгледа иницијативата и да донесе одлука, а постапката сега е задоцнета. Тој смета дека Судот досега требаше да стави времена мерка по службена должност, наместо да дозволат 800 функционери и административци да се спасат и покрај сторените незаконски постапки.

– Голем број на условно кажано криминалци се ослободени, нема да одговараат, нема да се конфискува нивниот имот, иако некои од нив се стекнаа со огромни материјални богатства. Нека расправа Уставниот суд, нека донесе одлука, не за поништување, туку за укинување на измените, да не важат за во иднина, но, не верувам дека до таква одлука ќе дојде – изјави Трајанов.

Со измените на КЗ беа намаени затворските казни за злоупотреба на службена положба при јавни набавки и за злосторничко здружување.

Во иницијативата до Уставниот суд Трајанов наведува дека оспорените законски измени се спротивни на владеењето на правото, заштитата на правото на сопственост и еднаквоста која ја промовира Уставот. Во иницијативата на Велески се наведува дека оспорените одредби се во спротивност со членот 9 од Уставот, бидејќи граѓаните кои не се носители на јавни функции ги става во нерамноправна положба, бидејќи не се поблаго санкционирани.

Останати вести