Уставните судии Албанци Осман Кадриу и Насер Ајдари ќе ја бојкотираат седницата на Уставниот суд на 11 декември на која ќе се одлучува за уставноста и законитоста на Законот за употребата на јазиците. Доколку на седницата не се појават двајцата судии од албанската заедница (има и еден од турската), неизвесно е дали ќе се донесе одлуката или не, затоа што претседателот на Уставниот суд Дарко Костадинов неодамна најави дека одлуката треба да се донесе со учество на сите 9 уставни судии.
Уставниот судија Осман Кадриу во интервју за ТВ „Алсат“ потенцира дека не е точно оти пред Уставниот суд се оспорени само 2-3 члена од Законот за употреба на јазиците, како што се презентира во јавноста, туку 18 члена, кои се поднесени преку 13 иницијативи од 46 субјекти, вклучувајќи академици, професори и политички партии.
Според него, не е споменато дека е оспорен членот во кој во заграда е напишан албанскиот јазик.
– Досега се кажуваше дека се оспорени 2-3 одредби. Не! Оспорени се 18 одредби. Доколку се оспорат 18 одредби од Законот за јазиците, тоа значи оспорување на половина од законот. Ако Судот со мнозинство гласови ги прифати забелешките и ги укине, тогаш немаме закон. Инаку, еден од споровите е оној за употребата на терминот албански јазик, кој се користи во две одредби од законот – вели уставниот судија Кадриу во интервју за ТВ „Алсат“.
Кадриу рече дека заедно со неговиот албански колега, Насер Ајдари, и понатаму остануваат на ставот дека нема да учествуваат на седницата на 11 декември, затоа што за нив не е разумно да се дел од мнозинство што ќе донесе одлука во врска со прашања од албански национален карактер.
Претседателот на Судот, Дарко Костадиновски, неодамна во интервју рече дека со Законот за јазиците политиката создаде своевиден правен хаос, кој резултира со политички хаос, недоверба и дилеми.
– Јавноста веќе го виде и извештајот на Венецијанската комисија. Уставниот суд е на потег, не за мудра, туку да донесе уставно-правно втемелена и аргументирана одлука. Што би можело да се одлучи? Не знам и не можам да знам и нема да коментирам – рече Костадиновски.
Костадинов вели и дека е можно да се искористи алатка од новиот Акт на Уставниот суд, односно судиите да изразат сомнеж за уставноста на законот и да го пратат во Собранието на доработка.
Подносители на иницијативите за оспорување на одредби од Законот за употреба на јазиците се партиите ВМРО-ДПМНЕ и Левица, Здружението „Светски македонски конгрес“, Солза Грчева, Тања Каракамишева Јовановска, Јове Кекеновски, како и Васко Лазескии, Ивана Митевска, Томе Тодоровски, Клементина Брзановска и Владимир Стефановски.
27 Dec 2024