ФК Вардар и „Новоматик“ потпишаа договор за спонзорство од милион евра!

ФК Вардар не доби нов сопственик туку генерален спонзор – потпишан е договорот со „Новоматик Македонија“ кој за „црвено-црните“ во новата сезона ќе одвои еден милион евра.

Договорот е едногодишен со можност за продолжување доколку постои задоволство од двете страни.

„Новоматик“ е меѓународна компанија за коцкање со седиште во Австрија. Работи со околу 2.000 казина и други објекти за игри во околу 50 земји. Ќе биде генерален спонзор на Вардар, но нема да управува со клубот. Ќе има свои луѓе во управниот и надзорниот одбор кои ќе ја следат работата. Претседателот на Вардар, Милорад Миленковски, му се заблагодари на новиот спонзор и изрази надеж дека тој ќе биде тригер и за други компании кои ќе сакаат да инвестираат во клубот.

– Ова ни е важно бидејќи се случува на стартот од сезоната. Пред четири години, кога се случија промените, бевме максимално вклучени во проектот. Да кажам со речникот на спонзорот ние влеговме ол-ин во овој проект и на крајот победивме. Вардар е најголем бренд македонски, се надеваме дека за брзо време ќе биде и најголем амбасадор надвор од границите на Македонија, изјави Миленковски.

Останати вести