Два дена учениците во 8 (првиот ден) односно 9 (вториот) средни школи низ Скопје губеа настава поради евакуација предизвикана од лажни дојави за поставени бомби. Овие дојави се испраќани преку е-пошта до секое од училиштата но со иста соджина. Иако по прегледот од страна на п0олицијата се покажаа како лажни дојави, сепак предизвикаа вознемиреност меѓу учениците, професорите, родителите и станарите во близина на тие објекти. Два дена беа ангажирани големи ресурси на полицијата.
Закани се пуштани до средните училишта како: „Орце Николов“, „Никола Карев“, „Јосип Броз Тито“,„Раде Јовчевски-Корчагин“, АСУЦ „Боро Петрушевски“… практично низ цело Скопје. Интересно, само нема ниедно од општина Чаир!?
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека е познато од каде се пратени овие закани, дека се работи за стреанска дава, но дека се истражува дали всушност испраќачот е вио Македонија.
– Ова е монструозен чин, кој е веројатно е дел од тие хибридни напади на кои сме изложени како држава. Ќе се анализираат и ќе ги дознаеме причините – дали се политички, геостратешки, бизнис причини. Ова троши време, енергија, ресурси, кои мора да бидат спроведени по целосен протокол, без притоа да се импровизира во кој било поглед. Кога пред десетина дена се случи слична дојава за поставена бомба во еден од автобусите на ЈСП – Скопје, мораше да направиме контрола врз сите автобуси коишто сообраќајат низ градот (тоа беше во контекст на барањата за плата – н.з.), рече Спасовски на ТВ „Телма“.
Тогаш сите автобуси беа повлечени од улиците и, по соодветна безбедносна проверка, постепено се вклучуваа назад во сообраќај. МВР многу брзо откри од чија мејл адреса била испратена заканата за наводна бомба во автобус, но се испостави дека таа била злоупотребена без знаење на сопственикот.
Истрагите за вакви случаи не се лесни, во многу случаи е нужна меѓународна соработка, а најзиниот резултат зависи и од умешноста со која испраќачите на заканувачките пораки успеваат да ги затскријат нивните траги. Тоа го покажа соочувањето со исти вакви случаи во соседството, кои беа доминантни од март до јуни.
– Се покажува дека ни нашата земја не е заобиколена со фамозната појава на дојави за поставени бомби во училишта, вели Владимир Пивоваров, национален координатор за гранично управување.
– Ако во текот на изминатата година во нашето соседство, пред сè, во Србија и Албанија секојдневно имаше по десетици дојави за поставени бомби во училишта, сега тоа стана наша реалност. И кај нив и кај нас дојавите доаѓаат од VPN адреси во странство. Генерално, адресите се лоцирани во странски земји, затоа што хакерите на тој начин сакаат да го избегнат откривањето. Сите безбедносни служби имаат изготвено протоколи за постапување во вакви ситуации. На секоја дојава се пристапува сериозно и професионално. Овие напади може да се дел од хибридна војна, но и да ги креира некој авантурист. Како и да е, ваквите појави ги исцрпуваат безбедносните служби. Се активира севкупниот капацитет, како технички така и кадровски, и не само што чини финансиски, туку и го насочува целокупниот потенцијал кон вакви настани, објаснува Пивоваров, предупредувајќи какви би биле димензиите на тој ангажман ако лажните дојави станат масовни, во сите краишта на земјата.
Тој го потенцира и политичкиот момент на првите дојави за поставени бомби – токму на денот кога во Скопје се очекуваше да пристигне претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.
Неофицијалните податоци посочуваат дека мејлот со лажната дојава за бомби по средните училишта во Скопје пристигнал од интернет платформа со седиште во Швајцарија. Инженерот за информациска безбедност Божидар Спировски за “Радио слободна Европа“ вели дека станува збор за провајдер кој што физички работи во Швајцарија и се рекламира себеси како екстремно заштитен и гарантира приватност на корисниците на нивниот систем. Тој објаснува дека гаранцијата на приватност на корисниците не значи дека “Протон мејл“ нема да се заштити од злоупотреба во вакви, како што вели, терористички активности.