Шпанецот Родри ја доби „Златната топка“!

Шпанецот Родри е официјално најдобар фудбалер на светот за изминатата година и тој за првпат во кариерата ја добива најпрестижната индивидуална награда – „Златната топка“ – која ја доделува магазинот „Франс фудбал“.

„Моторот“ на Манчестер Сити и на шпанската репрезентација зад себе остави спектакуларна сезона во која триумфираше во англиската Премиер лига, но воедно беше и главен предводник на „фуријата“ кон титулата на Европското првенство. Во дресот на Сити забележа учинок од 10 гола и 14 асистенции, а во текот на месец јуни беше главната алка во тимот на Луис Де Ла Фуенте, кој создаде исклучително силна Шпанија, репрезентација која ги „мачкаше“ ривалите на континенталниот собир.

На церемонијата Шпанецот дојде на патерици поради тешката повреда на лигаментите, поради која за него новата сезона е веќе завршена.

Од трката во последен момент „испадна“ Бразилецот Винициус Жуниор, за кого првично беше најавено дека ќе го освои трофејот. Еве како Винсент Гарсија, главниот уредник на „Франс фудбал“ објасни што се случило:

– Очигледно е дека Винициус не победи бидејќи Белингам и Карвахал се меѓу првите пет. Така, на Винисиус чисто математички му пресудија соиграчите бидејќи му земаа поени. Гласачите ги поделија гласовите меѓу тројца или четворица играчи на Реал, што на крајот му наштети на Винисиус, а од кои профитираше Родри.

Во женска конкуренција „Златната топка“ ја доби Аитана Бонмати, која ја освои и минатата година.

За првпат во историјата наградата „Герд Милер“ за најдобар стрелец во изминатата фудбалска година замина кај двајца фудбалери. На церемонијата во Париз ова признание беше доделено на две големи ѕвезди на европскиот фудбал – Хари Кејн и Килиан Мбапе. Вториот не беше присутен зашто Реал одлучи да ја бојкотира годинашната церемонија.

Шпанските гиганти се најдобри светски тимови за сезоната 2023/24!

Ламин Јамал од Барселона е добитник на наградата „Копа“ за најдобар млад играч во светот, a беа доделени и наградите за најдобрите екипи.

Во машка конкуренција титулата замина кај екипата на Реал Мадрид, која годинава ја освои Лигата на шампионите, додека кај дамите ова признание замина кај екипата на Барселона. Женскиот тим на каталонскиот гигант третпат во историјата го освои трофејот во најквалитетното европско натпреварување, а токму од тука потекнуваат и голем дел од репрезентативките на Шпанија, кои минатата година првпат се закитија со титулата од Светското фудбалско првенство.

Најдобар светски тренер за минатата сезона е италијанскиот стратег, Карло Анчелоти! 65-годишниот предводник на Реал Мадрид по петти пат во кариерата ја освои Лигата на шампиионите и одново ги искачи „кралевите“ на европскиот трон.

Останати вести