Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ победи на Австралија опен, откако во финалето во Мелбурн го победи Гркот Стефанос Циципас по три сета со 6:3, 7:6, 7: 6.
Ѓоковиќ победи по два часа и 56 минути за да ја освои 10. титула во Мелбурн и 22. Грен слем трофеј во кариерата и се изедначи со рекордерот, Шпанецот Рафаел Надал.
Исто така, Ѓоковиќ со овој триумф се врати на првото место на АТП листата.
Ова беше посебно емотивна титула за Новак Ѓоковиќ по случувањата кои ги имаше во Австралија минатата година кога беше депортиран oд Австралија.
Ѓоковиќ и овојпат беше демонизиран од страна на голем дел медиуми откако татко му се најде во фокусот на вниманието по четвртфиналниот дуел на Новак со Русинот Рубљов, па и тука мораше да го брани својот и интегритетот на своето семејство.
Откако убедливо го освои грен слемот, не можеше веќе да ги држи емоциите и се расплака.
Ѓоковиќ беше особено емотивен, а освен преку солзите, тоа се виде и во неговата изјава.
– Јас и Циципас доаѓаме од две мали земји без тениска традиција. Пораката за секој млад играч која ја испраќаме до сите млади играчи, било каде на светот е да сонуваат високо, сè е можно! Не дозволувајте било кој да ви ги одземе соништата, мислам дека секој што минувал тежок период, станува посилен, а тоа го докажуваме јас и Стефанос.
Ова беше неверојатно патување за мене, мојот тим и семејството. Знам дека сите ги толерираат моите лоши карактерни особини, но ја ценам вашата љубов. Горане (Иванишевиќ, неговиот тренер -н.з.)… не знам дали некогаш ќе ми простиш, меѓутоа морам да повторам дека овој трофеј е ваш исто колку што и мој. Не играв минатата година, се вратив сега и сакам да се заблагодарам на сите. Постои причина што тука го играм најдобриот тенис, пред легендарниот Род Лејвер. Мојот тим знае низ што минавме во последните четири, пет седмици. Ова е мојата најголема победа во животот, со оглед на сите околности, кажа Ѓоковиќ.
На прес-конференцијата по мечот тој изјави дека во следните денови ќе открие детали за некои луѓе кои што не се однесувале баш најдобро со него целиот овој период, а посебно минатата година кога беше депортиран од Австралија.
– Размислував во овие две недели дали сакам да објавам нешто на социјалните мрежи, да покажам слики низ што поминувам и во следните неколку тоа ќе го направам. Дури и пред две години се случија секакви работи, луѓе ме исмејуваа и сакам не поради нив, туку заради мое добро да покажам што се случило. Се ќе се дознае за неколку дена. Нема да бидам патетичен, го освоив турнирот, но ми пречи како луѓето се однесуваа, изјави Ѓоковиќ.