По повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик (21 февруари), се потсетуваме на значењето на зачувувањето на македонскиот јазик, кој пред 80 години беше официјално кодифициран. „Бушава азбука“, како едно од најзначајните културни и образовни дела, сè уште не е доволно препознаена од институциите како национален проект, иако веќе 40 години игра клучна улога во негувањето и ширењето на јазичната култура. „Бушав буквар“, последното недовршено дело на Горан Стефановски, кое е продолжение и возобновување на „Бушава азбука“, остана заробено во бирократските фиоки речиси 10 години, реагира екипата на проектот.
„Додека јазикот ни е под закана, институциите не сметаат дека проектите како ‘Бушава азбука’ треба да бидат дел од национален интерес. ‘Бушав буквар’ ја задржува структурата и препознатливоста на ’Бушава азбука’ притоа воведувајќи нова и оригинална содржина. Оваа серија, за разлика од ‘Бушава азбука’ ќе биде ориентирана кон македонскиот јазик и неговата употреба и богатство и, евентуално, кон јазиците на заедниците. Сценариото предвидува 31 епизода по 30 минути. Проектот е во продукција на 2БА продукција и ‘Види вака’ раскажувачко студио.
Без одржување на мајчиниот јазик, ќе изгубиме еден од најзначајните елементи на нашиот идентитет. Додека многу се зборува за идентитетот и националната припадност, всушност, ‘Бушава азбука’ е инструмент кој најдобро ги негува тие вредности. Поради тоа, важно е да се поддржи и финансира проект како овој, кој не само што е значаен за македонскиот народ, туку е дел и од нашата иднина“, велат од екипата.
„Бушав буквар“ е продолжение на легендарната телевизиска серија „Бушава азбука“ за која Горан Стефановски ги почна, а по неговата ненадејна смрт Марјан Алчевски, кој живее во Загреб, ги доврши сценаријата. За овој проект од национален интерес копродуцентите исто така ги имаат обезбедено сите права.
Идејни творци на проектот се режисерот Слободан Унковски и актерката и професорка на ФДУ, Синоличка Трпкова Меллес, дел од оригиналната постава на омилената „Бушава азбука“.
Серијата од 1985 година – „Бушава азбука“, во продукција на Македонската радио телевизија (МРТ), имаше вкупно 31 епизода – секоја посебно посветена на буквите од македонската азбука. Таа е убедливо најуспешниот производ на МРТ, со кој многу генерации ја научија азбуката.