Хотелот „Бристол” во Скопје е еден од најстарите градски симболи на Скопје, со своја уникатна приказна која се протега низ повеќе децении. Изградбата на овој хотел, кој денес е многу повеќе од само зградата на улицата, била изведена од браќата Ташко и Ристо Караџа. Тие ја основале својата фирма “Караџа, Андровиќ и Ко” и со неа успеале да изградат не само важен дел од скопската инфраструктура, туку и дел од градскиот карактер.
Изградбата на хотелот „Бристол” започнала во 1923 година. Браќата Караџа, по потекло од Грција и успешни трговци во Скопје, решиле да инвестираат во овој проект со цел да создадат луксузен и современ хотел. Архитектот Артемушкин (бегалец од бољшевичката револуција во Русија), познат по своите значајни архитектонски дела во Скопје, ил задолжен за проектот. Хотелот е завршен и свечено отворен на 24 април 1924 година.
„Бристол” се истакнувал со својот елегантен дизајн и модерни удобности за тоа време. Има четири ката, 35 соби и специјално дизајнирани сали за значајни настани и собири. Собите се со еден или два кревета и веќе од самата градба секоја имала топла и ладна вода, централно греење и телефонски приклучок — нешто што било реткост во тоа време.
Специјалитети и културен живот
Историјата на хотелот „Бристол“ е вистинскиот амблем на боемскиот живот во Скопје и култура. Хотелот бил еден од најлуксузните и најмодерните објекти во Скопје, со уникатен стил и шарм кој привлекувал уметници, трговци и интелектуалци. Оркестарот на славниот Васил Хаџиманов бил редовен забавувач на гостите, додека танчарите и танчарките од познатото скопско друштво „Аорести“ ја дополнувале атмосферата со своите професионални настапи.
Хотелот „Бристол“ бил препознатлив по својата културна значајност, а меѓу редовните гости биле истакнати фигури како Блаже Конески, Петре Прличко и многу други. Панче Уневски, познат боем, имал своја постојана маса во ресторанот, што сведочи за долгогодишната традиција на дружење и уметнички размена која се негувала во „Бристол“.
Поетот Раде Драинац, инспириран од атмосферата на хотелот, ги напишал своите најубави песни токму во „Бристол“. Хотелот не само што беше познат по својата архитектура и кујна, туку и по бројните познати гости кои го посетиле.
Меѓу нив посебно место зазема Гркот Зорба, за кој се верува дека починал во хотелот. Според некои извори, вистинскиот Зорба, младиот вдовец Јоргос (Георгиос) Зорба, кој во пролетта 1922 година пристигнал на железничката станица во Скопје со својата 10-годишна ќерка Екатерина, престојувал во градскиот хотел „Ловец“. Во локалните кафеани, како што била и гостилницата „Маргер“ (на скопскиот плоштад), често се дружел со пријателите, пеел и пиел.
Да не беше грчкиот писател, филозоф и новинар Никос Казанѕакис, животот и доживувањата на Зорба можеби никогаш не би достигнале таква популарност. Казанѕакис ги опишал во својот роман „Доживувањата на Алексис Зорбас“, што потоа доведе до создавањето на култниот грчки филм „Гркот Зорба“ од 1964 година, во кој главната улога ја играше Ентони Квин.
Познатата англиска писателка и патописец Сисилија Изабел Ендрус, позната под псевдонимот Ребека Вест, го посетила Скопје неколкупати меѓу двете светски војни. Нејзината книга „Црното јагне и сивиот сокол“ стекнала голема популарност. За време на своите патувања, Ребека Вест била придружувана од српскиот интелектуалец Станислав Винавер, кој во книгата се појавува под псевдонимот Константин. Тие пристигнале во Скопје една пролетна вечер во 1936 година, и помеѓу нив се развила врска која била повеќе од пријателство.
Во денешната бавча на хотелот „Бристол” се наоѓа огромен орев, за кој се верува дека е љубовен дар од Константин до Ребека Вест, како спомен на нивната романтична врска. Овој орев и денес е еден од најубавите во Скопје.
Пад и пропаст
Во доцните 60-ти и раните 70-ти години, „Бристол“ почнува да го менува својот карактер, станувајќи популарно сврталиште за сексуалните работнички кои ги пречекувале гостите од железничката станица. Близината до станицата и различните групи посетители, вклучувајќи војници и работници, придонеле за овој развој, што го трансформирало хотелот во место со поинаква динамика и атмосфера.
Хотелот „Бристол“ бил познат по неколку специјалитети, но особено се издвојува чкембе-чорбата. Покрај чкембе-чорбата, хотелот исто така бил препознатлив по поховано чкембе и похован мозок. Овие јадења привлекувале бројни гости, кои ги уживале во специфичниот амбиент на ресторанот.
Во средината на 70-тите хотелот го враќа својот сјај со отворање на првиот скопски диско-клуб „Таверна“ (во ноќниот бар), што привлекува нова генерација на посетители.
По осамостојувањето на Македонија, „Бристол“ е ставен во неизвесност поради денационализацијата. „Македонија турист“ го презема хотелот, но без сериозни инвестиции, поради што хотелот е оставен на „стенд-бај“ и почнува да пропаѓа.
Во 80-тите години преселувањето на железничката станица дополнително го влошува статусот на хотелот, кој останува без соодветен паркинг и почнува да добива негативен публицитет, особено по атентатот на претседателот Киро Глигоров кој се случува пред „Бристол“ во 1995 година.
По 90 години постоење, на 9 ноември 2012 година најстариот хотел во Скопје, „Бристол“, беше затворен. Со напуштениот хотел стопанисува „Македонија турист“ АД Скопје.
Хотелот „Бристол“ веќе повеќе од десет години е затворен и зградата е оставена во запуштена состојба. Дел од хотелот е во сопственост на семејството Караџа, кои се во судски спор со државата повеќе од 30 години. На почетокот на судскиот спор во СФР Југославија, хотелот бил проценет на милион и триста илјади германски марки, од кои петстотини илјади за семејните наследници. Хотелот има 8 наследници и сите се борат за своето наследство, но случајот е повеќедеценски и без изгледи за скоро решавање.
Денес хотелот „Бристол” стои како сведок на минатото, со својата измината слава и своите интересни приказни. Бавчата со стар орев останува како носталгичен спомен на времињата кога хотелот беше центар на градскиот живот и култура. Иако хотелот во моментов не е функционален, неговата историја продолжува да живее во спомените на оние што го посетиле и во приказните што се пренесуваат од поколение на поколение.
(Трн.мк)