Васил Јованов (20), за кого се разбранува јавноста кога на смрт ја прегази Фросина Кулакова на пешачки премин во Скопје, добил казна од 46 месеци затвор поради најдените 80 пакетчиња амфетамин кај него дома. Скопска Апелација во средата му ја сменила казната со која беше испратен во поправен дом во Тетово.
„Апелациониот суд Скопје во интерес на јавноста и медиумите информира дека постапувајќи по кривичниот предмет KЖ- 1047/24, на нејавна седница одржана на ден 05.02.2025 година, ја одби како неоснована жалбата на обвинетиот В.Ј. од С., а жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје ја уважи“, стои во соопштението на скопска Апелација.
Во жалбена постапка од неправосилната пресуда (онаа за во поправен дом) до прегазувањето на Фросина поминале повеќе од 11 месеци. За тоа време Јованов бил на слобода, се дружел со своите врсници, пиел, возел без воопшто да има положено… Доколку првостепената пресуда на Јованов била процесирана побрзо не би се случила трагедијата во која со брзина поголема од дозволената, со 0.8 промили алкохол во крвта поминал со колата на црвено и на пешачки премин ја покосил Фросина, 22-годишна девојка која била излезена да го прошета кучето околу зградата во која живеела со родителите.
ВАСИЛ ГО УКРАЛ АВТОМОБИЛОТ ОД ДОМА
Родителите на Васил Јованов, Зоран и Ана, заедно со адвокатот Сашо Дуковски одраа прес-конференција на која сакаа да изразат длабоко жалење за загинатат Фросина. Воедно раскажаа како тие го преживуваат сево ова.
– Таа вечер се зацрнија две фамилии. Немам доволно зборови да ја искажам болката и жалењето за се што се случува. Само мајка може да разбере како ѝ е на другата мајка. Загубата е ненадоместлива и непрежалива. Васил по игра на случајот, е наше единствено дете. Имавме друго кое почина на свои 23 часа живот, рече Ана Јованова, мајка на осомничениот Васил.
Таткото на Васил Јованов, Зоран Јованов, кој е офицер во АРМ, негираше дека му дозволил на својот син да управува со автомобилот.
– Колата е купена во 2016 година поради потреба, зашто сопругата работеше подалеку и ѝ требаше за да патува на работа. Правно беше на мое име, де факто сопругата го користеше. Васил го има украдено автомобилот, рече Зоран Јованов.
Дукоски забележа дека многу невистини се споделуваат во јавноста кои доведуваат до повици на линч и крв, наместо да се решава случајот во институциите со владеење на закони. Сега, како што додава Дуковски, се прави обид за воспоставување на принцип „око за око“.
– Низа т.н. експерти се знаат за постапката, а таа не трае ниту една недела, вчера беа донесени првите наредби за вештачење, но јавноста беше индоктринирана со нерални и неточни изјави кои доведуваат до јавен гнев за линч на Васил Јованов. Ова не е обид за намалување на тоа што се случило, но потребна е судска постапка, а не со правдата на улицата и протестот – изјави адвокатот.
Адвокатот посочи дека осомничениот не бегал (за што сведочи и видео како Васил тажи над телото на Фросина) и дека нема намера да се повикува на непресметливост. Таа вечер бил на отворање на кафуле на пријател, каде консумирал алкохол, но не и дрога.