Пејачката со албанско потекло Дуа Липа е повторно главна тема (веднаш по киксот со картата на Голема Албанија) – на емисија за вкусовите низ светот, каде пробуваше лути сосови од сите меридијани, беше прашана која „албанска храна” би ја издвоила како препорака за обожавателите, нешто што секој мора да го проба. Таа веднаш одговори: “ајвар”, по што објаснуваше како се прави.
„Тоа е како мешавина од печени пиперки, направена е во тегла, зачинета е, прекрасна е и оди со сè! Со јајца или со пита со спанаќ, што е уште еден албански специјалитет”, рече таа.
Но, авторите на емисијата во следниот кадар, додека таа зборува, покажаа тегла со „Лесковачки ајвар”.
Ова видео наскоро стана вирално. Пејачката понатаму за еден од сосовите коментираше дека ја потсетува на вкусот на уште еден “албански специјалитет” – суџук! За илустрација на ова авторите на емисијата ставиле кадар од пакуван “Босански суџук”.
Од Македонија речиси и немаше сериозни реакции на “поалбанчувањето” на ајварот, како луѓето да се исцрпеа во изборната кампања. Затоа, пак, во Србија се појавија коментари дека пејачката „по Косово, сега сака го сака да го присвои и Лесковац” (поради кадарот на “Лесковачки ајвар”).
Според српски “Курир”, заради тоа од Лесковац и стигнува тужба. Од Здружението „Лесковачки ајвар” ќе ја тужат за користење на нивната етикета со цел да се претстави српскиот бренд како албански национален производ.
– Знаете, ние можеме да реагираме емотивно затоа што славната поп-пејачка и порано даваше изјави во медиумите кои не се допаѓаа на нашиот народ, но можеби ни таа самата не е виновна. Можно е грешката да ја направиле продуцентите, поради незнаење. Ајвар е генеричко име за производот, но никој не го заштити како национален, ниту ние, ниту Македонците, ниту Бугарите. Ние го брендиравме „Лесковачки ајвар” како национален бренд. И тука е проблемот. Тие го украле и го претставиле како албански национален производ и заради тоа тие ќе треба да ги сносат последиците, вели претседателот на здружението Стевица Мрковиќ за српски “Курир”.
Регионалната стопанска комора на Лесковац, која ја започнала процедурата за заштита на овој бренд пред една деценија, “молчи за скандалозната кражба”, заклучува “Курир”.
02 Dec 2024