Дваесет и четиригодишен скопјанец Ф.И. е десетиот член од групата осомничена во акцијата „Ќелија” кого полицијата го приведе деновиве, информираат од МВР.
– Според сомненијата кои ги имаме од истрагата Ф.И. бил логистичар на групата, но во неколку наврати имал и неуспешни обиди да замине за Сирија. Лицето со кое вториот пат се обидел да замине преку Турција, исто така е опфатено со кривичната пријава и сè уште се наоѓа во Сирија и војува во муџахединските единици на „Исламска држава”. Последниот негов обид за заминување за Сирија, преку Турција е на 3 јуни оваа година, кога не му беше овозможен излез од Македонија. Инаку намерата за неговото заминување за Сирија се претпоставува дека е поради извршување на логистички активности за потребите на џихадистите во Сирија кои се по потекло од земјата – се наведува во соопштението на МВР.
Полицијата по претходно преземени активности и мерки го лоцирала Ф.И. во близина на Бит Пазар и го привела, а во меѓувреме осомничениот бил предаден и на Јавен обвинител и изведен пред судија на претходна постапка кој му одредил мерка притвор во траење од 30 дена.
Со последното апсење полицијата трага по уште 26 лица од вкупно 36 колку што се опфатени во акцијата „Ќелија”. За дел од нив, околу пет лица, се претпоставува дека, како и последно приведениот, се на македонска територија, додека за околу дваесетина од нив постојат сомневања и докази дека сè уште се на боиштата во Сирија.
Сите се осомничени за учество во странска војска, полиција, паравоени и параполициски формации дело за кое максималната казна затвор е пет години.
Осомничениот Ф.И. досега немал досие во МВР.