Во понеделник, на 4 ноември, ќе се одржи ексклузивна хуманитарна вечер во центарот на Мелбурн во Arts Centre, ANZ Pavillion Room. Целиот приход од овој настан ќе биде за “Домот за доенчиња и мали деца” – средства наменети за напуштени деца и сираци што живеат во Битола.
Организаторите од женската група “Штикла” со оваа хумана и корисна идеја заслужуваат поддршка. За повеќе информации можете да ги контактирате Жанета 0405 149 614; др. Сузана 0421 645 000 и Снежана 0400 415 475
Почитувана доктор Котевска, љубезно Ве молам за нашите читатели да објасните кога и како потекна оваа благородна иницијатива?
– Прво голем поздрав за сите читатели.
Така, во една прилика кога бевме на кафе со Жанета Филиповска и др Сузана Карева – Лега, падна идеја да најдеме контакт во Македонија и да собереме помош каде што им е неопходна.
Јас замолив неколку мајки што ги имам породено да ми донесат алиштенца што не им требаат и така испративме две кутии во Македонија за Детското и Неонатолошкото одделение,
Жанета ги испрати кутиите и преку ФБ се запознавме со Наташа Велјановска, од Организација на Жени од Битола. Жанета стапи во контакт и прашавме како да помогнеме.
Би ја искористила оваа прилика да им се заблагодарам на Божица Станковиќ, Адел Харис , Наташа Стојановски, Маја Павасовиќ, Марија Петерсон и Стела Сивески за донираната облека,
Јас ја замолив Блага Петревска, од Надеж да ни даде совет за да ја промовираме оваа акција, бидејќи Надеж е симбол за помош, затоа што нејзиното искуство и напори за помош се познати надалеку.
Бидејќи сме од Битола, решивме да го направиме овој хуманитарен настан на 4 ти ноември, денот на ослободувањето на Битола.
Kaко се одвиваат подготовките за овој настан што ќе се случи токму на 4 ноември, денот на ослободувањето на Битола?
– Хуманитарната гала вечера во организација на женската група “Штикла”, ќе се одржи во Arts Centre, на 4 ноември, со почеток од 19,00. Ќе има добра музика, групата Спектар, настап на Дона Димовска- Кантаровска со премиера на “Македонска Грофица” и богата вечера.
Многу ќе ни биде мило ако може што повеќе друштва да си направат маси и да дојдат за да се дружиме. Јас имав чест да ја поканам г-ѓа Бети Коруновска, новиот генерален конзул од Република Македонија.
Ние лично ќе им се јавиме на повеќе еминентни душтва и поединци од Македонската заедница за да дојдат, убаво да се дружиме и да потенцирам дека картите и донациите се Tax Deductible.
Домот за доенчиња и мали деца во Битола е многу позната македонска установа. Веројатно сте го посетиле и сте разговарале со неговиот персонал?
– Жанета е во контакт преку Дијана Тасевска од Macedonian Community Welfare Association Inc. со Наташа Велјановска од ‘Организација на жени од Битола,’ за потребите на Домот.
Дали асоцијацијата Штикла подготвува и други хуманитарни активности во прилог на загрозените во Македонија?
– Зошто да не. Јас би скала да работиме сите заедно со веќе основани и искусни организациии.
Јас сум исто така и член на Австралиско Македонската Лекарска Асоцијација и заедно со основачот др Зоран Бечваровски имаме планови за нови хуманитарни подвизи, што ќе ги објавиме подоцна.
Ќе сакате ли на читателите да им опишете еден свој работен ден?
– Мојот работен ден е непредвидлив. Во ординација почнувам од 8 часот и гледам пациентки до 16:00. пред да почнам обично правам визита за да ги видам мајките што сум ги породила, исто така ако имам жена што е во пороѓај ја гледам и и го водам породувањето.
Мојата работа за мене е нешто возвишено, јас се чувствувам гордо и ми е привилегија да го имам во моите раце новиот живот и да им го предадам новороденчето на среќните родители.
Многупати мојот ден продолжува во нок и имам поминато многу неспани ноќи. Некои породувања се комплицирани, завршуваат со операција, царски рез ако е потребно.
Колку често ја посетувате Република Македонија?
– За жал, не одам во Македонија толку често колку што сакам, туку колку што можам, токму заради мојата работа. Во Македонија бев минатата година и се надевам да одам идното лето.
За жал, секое ново одење освен носталгија буди разочарување во стандардот и условите на живот во кои живеат обичните Македонци. Социјалната разлика е се поголема, здравството е во криза а посебно здравствените институции …..
Вие сте познат активист и донатор на нашата заедница во Австралија. Имате ли идеи како таа поуспешно да функционира?
– Благодарам, точно е тоа и се обидувам според можностите и потребите да помогнам колку што можам.
Јас сметам дека Македонската Заедница треба да се ОБЕДИНИ за да може да постигнуваме успеси на сите полиња. Имаме толку многу образовани и успешни Македонци, посебно млади што немаат проблем со јазик и комуникација, треба да ги привлечеме и активираме. Гоце Делчев многу паметно рекол “Светот го сфаќам како културен натпревар меѓу народите”, тоа е толку моќна реченица и ние треба да ја следиме. Госпоѓата Бети Коруновска е современа и полна со идеи и голем оптимист за правилна промоција на Македонската Заедница и би требало сите заедно да соработуваме и да се претставиме позитивно, затоа што навистина имаме со што да се покажеме.
13 Aug 2024