Австралија ја откриле Португалци

Поморска мапа од 16 век во библиотеката на Лос Анџелес докажува дека португалските морепловци а не британските или холандските, биле првите Европејци кои ја откриле Австралија. Но, бидејќи и дома имале доволно место за затвореници, го продолжиле патот.

 

Во книгата на Питер Трикет “Beyond Capricorn”, стои податок дека мапата, која на португалски јазик прецизно ги означува географските предели на источниот брег на Австралија, докажува дека морепловецот од Португалија, Кристофер де Мендонка предводел флота од 4 брода кон Ботани Беј, во 1522-та година, што е речиси 250 години пред пристигнувањето на капетанот Џемс Кук.
Копијата од мапата ја нашол пред 8 години, додека ги разгледувал книгите во една книжарница во Канбера. Продавницата имала репродукција на Валард атлас, колекција од 15 рачно нацртани карти, изработени во Франција, не подоцна од 1545-та година. Мапите го претставувале светот кој бил познат во тоа време.
Две од нив, наречени “Тера Јава”, биле многу слични на австралискиот источен брег, освен што на едно место, крајбрежната линија штрчела за околу 1.500 километри. На почетокот, Трикет сметал дека картографите кои го цртале Валард атласот, погрешно ги израмниле португалските карти од кои копирале.
Познато е дека француските картографи користеле мапи и “портолан”навигациски карти, кои незаконски ги добивале од Португалија и заробените португалски бродови.

Оригиналните портолан мапи биле цртани на животински пергаменти, обично од овца или коза, со ограничена големина, па за да го исцртаат источното крајбрежје на Австралија долго 3.500 километри, сигурно им биле потребни 3 до 4 такви мапи.

Кога картографите на Валард ги прецртувале, морале да ги спојат и израмнат како сложувалка, па Трикет сметал дека можеби грешката била во нив. Но, со помош на компјутер, тој го изротирал јужниот дел на Валард мапата за 90 степени за да направи карта, која точно го прикажува источниот брег на Австралија.
Тогаш открил дека Португалците дошле до откритието на почетокот на 1520-та година, само неколку години откако отпловиле северно од Австралија за да стигнат до островите Молукас, односно еден век пред Холанѓаните а 250 пред Капетан Кук.
Трикет верува дека оригиналните мапи биле направени од Мендонка, морнарот кој со 4 бродови отпловил од португалската база во Малака, на тајна мисија за откривање на “Златниот остров” на Марко Поло, јужно од Јава. Неговото откритие се чувало како тајна за да се спречат другите европски сили да стигнат до ново копно.

Останати вести