Австралија се наоѓа меѓу земјите со најдобра економија во светот, со стабилен финансиски пазар и светла иднина. Другите земји се претежно на стариот континент започнувајќи од Швајцарија, Данска, Норвешка и Шведска, се земјите со највисок кредитен рејтинг во Европа, и тоа со стабилни перспективи, пренесува Ал Џезеира Балкан. Само осум земји во Европа ја имаат највисоката оценка за кредитен рејтинг „ААА”, според процените на трите највлијателни агенции „Мудис”, „Фич” и „Стандард и Пурс”.
Од тие осум земји со рејтинг „ААА”, четири се оценети како економски стабилни, а останатите четири имаат негативна перспектива. Како земји со стабилна економска перспектива се Швајцарија, Данска, Норвешка и Шведска, додека негативна перспектива имаат Германија, Финска, Луксембург и Холандија. Во текот на минатата и оваа година, Франција, Велика Британија и Австрија го загубија тројното А. На почетокот на неделата, Франција повторно се соочи со намален кредитен рејтинг, од „АА+” на „АА”, но изгледите се подобрени од „негативни” во „стабилни”. Од агенциите рекле дека шансите францускиот рејтинг да се промени во следните две години се помали од 30 отсто.
Во светот само уште три земји имаат највисоки оценки за кредитен рејтинг, а тоа се Австралија, Канада и Сингапур. (Ек.Р.)