Австралиската нафтена компанија „Еј-Ди-Екс Енерџи” (ADX Energy) би можела да инвестира околу 100 милиони евра во Романија, тврди весникот „Путерја”.
Компанијата има намера да инвестира во активности за истражување и експлоатација на наоѓалишта на енергенси во западниот романски округ Тајми и се обидува да ги убеди инвеститорите дека Романија ги поддржува активностите поврзани со производство на нафта и природен гас.
„Собирањето средства за еден проект за развој на нафта или пририден гас не е лесна работа. Главен проблем е да ги убедиме нашите инвеститори дека Романија е земја која ги поддржува активностите поврзани со нафта и гас, потоа работите ќе бидат извршени брзо и ефективно од економски аспект”, изјави Пол Финк, техничкиот директор на „Еј-Ди-Екс Енерџи”.
Тој додава дека во зависност од резултатите на истражувачката фаза, инвестицијата на „Еј-Ди-Екс Енерџи” може да достигне до 100 милиони евра во период од пет години.
„Нашата стратегија е со помош на најнова технологија да се пронајде нафта, која досега не била забележана”, посочи Финк.
„Еј-Ди-Екс Енерџи” зеде под концесија парцела во регионот на градот Темишвар, каде ќе трага по нафта и природен гас. Компанијата, која е со седиште во Перт, има дозволи за истражување на јаглеводороди во Европа и Северна Африка.