Австралиско македонскиот театар од Сиднеј од 4 до 14 јуни со драмата „Борење со мечка” настапи во градовите Скопје, Велес, Штип, Струмица, Прилеп, Битола и Охрид и истата беше гледана од повеќе од 1600 љубители на драмата. Сите телевизиски канали во споменатите градови ги следеа претставите при што следуваа репортажи и оценки за значењето и улогата што ја има оваа театарска група во Австралија и пошироко.
Социјалната мрежа беше преполна со фотографии и изјави на видни културни дејци кои дадоа високи критички осврти за драмата и артистите. Турнејата беше организирана од Агенцијата за иселеништво, а главен покровител беше Macedon Travel од Сиднеј.
Пред самата турнеја театарот беше гостин кај директорот на Агенцијата за иселеништво Васил Наумов, при што се организира и прес конференција за турнејата и улогата на театарот што ја зазема во зачувување на македонскиот јазик и култура.
Ова е втора турнеја во Република Македонија на овој Театар кој за последните седум години од своето постоење има поставено на сцена шест оригинални претстави за кои во Австралија е и наградуван.