Bо Сиднеј cо нож нападнат владика на Антиохиската црква

Владика на Антиохиска црква и неколку верници се повредени во напад со нож кој се случи во црквата „Христос Добриот Пастир“ во Wakeley,  во југозападен Сиднеј.

Владиката Мари Емануел во понеделникот држел богослужба кога напаѓачот му пришол и му нанел повеќе убодни рани со остар предмет.

На вознемирувачкото видео, што во живо се пренесуваше на Јутјуб каналот на црквата, се гледа како епископот Емануел зачудено го подигнува погледот, додека напаѓачот изненадувачки го напаѓа со нож и повеќе пати го прободува во телото и вратот.

Владиката паѓа на подот, се слушаат врисоци а повредени се уште три лица додека се обидувале да го совладаат напаѓачот. Ниту еден нема повреди опасни по живот.

Австралиската Влада соопшти дека овој напад се третира како терористички акт.

Мотив за нападот:
Му го навредувале Пророкот

Полицијата го уапси 16-годишното момче кое, според снимките, има израз дека се смее додека лежел совладан. Напаѓачот наводно изјавил дека тоа го прави од одмазда.
„Да не го навредуваа мојот Пророк, немаше да дојдам овде“, вели тој на арапски на видеото кое е објавено по нападот.
Полицијата на Нов Јужен Велс потврди дека напаѓачот ѝ бил познат. Тој бил совладан од верниците и моментално се лекува од повреди на раката. Помошникот на полицискиот комесар Ендрју Холанд не сакаше да одговори на прашањето дали има вистина во гласините дека прстот на момчето бил отсечен како одмазда по нападот.
Извештаите се дека има повреди на рацете – не знам колкав е обемот на тие повреди во овој момент. Повредите на раката му се доста тешки, додаде Холанд.
Во меѓувреме, полицијата продолжува да работи на воспоставување ред.

По нападот сакаа да го линчуваат терористот

По нападот толпа од околу 2.000 луѓе се собра во близина на црквата и избувнаа немири по што полицијата мораше да преземе мерки (со употреба и на солзавец) за да воспостави ред. Биле повредени неколку полицајци.
Толпата со часови не сакала да се разотиде, барала да го линчува напаѓачот и повикувала дека ќе се одмаздат „око за око“.
Премиерот на НЈВ, Крис Минс, изјави дека местата за богослужба се за мир и молитва. Луѓето кои се собираат таму не треба никогаш да се чувствуваат загрозени или небезбедни, без оглед на нивната вера.
Додаде дека сите верски водачи кои претставуваат разни верски заедници на Нов Јужен Велс, објавиле заедничка декларација дека се против сите облици на омраза и насилство:
„Се молиме за жртвите и ги повикуваме нашите заедници да ја пренесат нашата порака на грижа и сожалување со сите.
Имаме доверба во нашата полиција и во службите за интервенирање, и имаме целосна доверба во нивната работа. Полицијата никогаш не треба да биде напаѓана затоа што ја чува безбедноста на нашите заедници. Сцените што ги видовме после нападот се неприфатливи за сите, а особено за верниците. За верниците, религијата никогаш не е оправдување за насилство“.

Останати вести