Kристијан Јовановски е Австралиец од македонско потекло. Тој е еден од деветте стипендисти на Австралија на постдипломски студии на Универзитетот во Оксфорд.
Јовановски е основач на Здравствената иницијатива на Универзитетот во Мелбурн, води добротворна организација во кампања за превентивна медицина во Kенија, учесник е во програми за баратели на азил и обесправени средношколци и снабдување болници во земјите во развој со медицински материјали. Има само 23 години. Зборува македонски, англиски, класичен латински, антички грчки и француски јазик. Отсекогаш бил фасциниран со биологија и сложеноста на човечкото тело. Сe’ почнало кога бил дете. Со своите родители бил во посета на Македонија на баба си која имала деменција. Токму тоа ја разгорело неговата страст за истражување на умот. Се надева дека на „Оксфорд” ќе стане доктор по неврологија.
Дипломира на Универзитетот во Мелбурн, а студите во текот на изминатите неколку години се движеле од невронски мрежи, биохемија до квантна физика. Лани му беше доделена стипендијата „Викторија Роудс” за студирање на Универзитетот во Оксфорд. Неговите родители биле фабрички работници во Македонија, а тој не зборувал до речиси четиригодишна возраст. Научил англиски јазик од своите соученици во основното училиште.
Денес неговата мајка Васе Јованоска се гордее на неговите успеси. Таа се сеќава дека се претплатила на серија научни книги за деца за да не го разочара синот.
– Се чини дека знаеме многу повеќе за далечните ѕвезди од она што лежи во нашите глави. Мозокот служи само како извор на свест и идентитет додека сме живи, па исклучително е тешко да се одврзат неговите тајни – вели тој.
Ќе се фокусира на генетиката во чија основа се спомените и мотивацијата.
– Групата со која ќе работам откри дека овие движечки генетски елементи во мозочните клетки може да се одговорни за неврогенеративните болести. Неверојатно е колку нешто мало, како генот, може да влијае врз однесувањето и може да резултира со болест што го парализира човекот – додава младиот научник.
Kристијан брзо дипломира биомедицина во невронаука на Универзитетот во Мелбурн за две години наместо во стандардните три, по што магистрира биохемија и квантна физика. Тој е основач и претседател на Здравствената иницијатива на овој универзитет. Волонтирал во Kралската болница во Мелбурн и во Музејот на Мелбурн, учествувал во здравствен проект во рурална Индија и бил дел од тимот што освоил награда за здравствен случај на Универзитетот во Мелбурн. Тој е и спортски активен.
Kристијан вели дека спортот му е за релаксирање. Сака да чита класична литература, а свири и на пијано.
Престижната стипендија која ја доби Македонецот Kристијан Јовановски досега ја добиле исклучително видни личности. Од Австралија ја добил премиерот на Австралија Тони Абот, поранешниот премиер Боб Хоук и добитникот на Нобеловата награда, Џон Еклс.