Авторот на драмата „Борење со мечка” Душан Ристевски, директорот на институтот за рак проф. Дајвид Кароу, Иван Трпоски и артистите Никола Апостолоски и Васко Србиновски во Театарот Клофи
На промоцијата на драмите од националностите со директорот за здравство, со грчките артисти (лево) и македонските со арапските (десно) во Театарот Клофи
Минатиот четврток, на 14 август, во просториите на Сиднејската болница, се промовира ДВД за едукација на здравствените работници и македонската заедница. Промоцијата ја направи проф. David Currow, генералниот директор на Институтот за рак на НЈВ (Cancer Institute NSW), а поздравен говор за значењето на овој проект даде Mr Gerry Marr, генерален директор на регионалната служба за здравје во Сиднеј.
Во почетокот Др Astrid Perry, директор на Службата за мултикултурно здравје, даде опсежен извештај за работата и улогата на македонскиот театар што ја одигра во едукацијата на гледачите. Подготвен е прирачник како и ДВД од драмата „Борење со мечка” на Душан Ристевски, снимена во скратена форма на англиски и македонски јазик. Покрај оваа драма во ова ДВД се застапени драми од арапската и грчката заедница, во кои се обработува темата од канцерозното заболување. Како што се кажа во излагањето, овој едукативен пакет ќе биде дистрибуиран низ цела Австралија, првенствено на универзитетите и колеџите, во локалните библиотеки и до здравствените и општествените работници кои работат со етничките заедници. Авторот Душан Ристевски зборуваше за тоа како дојде до идеја за креирање на драмата, која ја работеше во консултација со македонската заедница.
Како што е нотирано во македонските медиуми, оваа драмска продукција секаде каде што е прикажана предизвика сензација, како во Австралија така и во Македонија. Темата е интересна, текстот вдахновен (авторот преку комични ситуации покрај солзите сака да не насмее – а животот е таков), изведбата крајно професионална, режијата на високо ниво. Театарот најави турнеја на 30 и 31 август за Мелбурн и Џилонг и истата вреди да се види.
Иван Трпоски
Фото Сашко Велјанов
02 Dec 2024