Брисел се обидува да ни смести во камп барем 5,000 мигранти на подолг период

Брисел врши дискретен притисок врз македонската влада за државата да прифати дел од мигранстките квоти, пишува скопски „Дневник” повикувајќи се на неофицијални извори.

Притоа се споменуваат цифри од 3-5 илјади мигранти кои би останале во земјата на подолг рок. Некои српски медиуми објавија дека притисок е вршен и врз Србија, при што прифаќањето мигранти наводно се пазарело за членството во ЕУ.
Од македонското МВР засега нема коментар за овие наводи.
Од друга страна, претставник на Европската комисија изјавил за „Дневник” дека Европската Унија не планира да изгради голем центар за мигранти во Србија или во некоја друга земја во регионот. На барањето да ги коментираат изјавите на српскиот пратеник Момир Стојановиќ, кој за српските медиуми изјави дека постојат шпекулации оти ЕУ планира во Србија да изгради голем азилантски центар за 400,000 лица, од ЕK изјавија дека со српските власти се дискутирало за прашањето за напливот на мигранти во Србија.
Експертите во регионот, кои го следат ова прашање, предупредуваат на внимателност, особено затоа што во ЕУ во моментов има големи кавги за распределбата на 40,000 имигранти, кои ниедна земја-членка не ги сака. Проблемот станува уште поголем кога ќе се земат предвид дополнителните 400,000-500,000 мигранти, азиланти и бегалци за кои се смета дека ќе “навалат” во Европа до крајот на годинава. Kој нив ќе ги прифати?
Според официјалните бројки на ЕУ, само годинава во Грција се дојдени околу 140,000 а во Италија преку 100,000 бегалци од Блискиот Исток и Африка.

Унгарски полицајци и на македонската граница со Грција?

Според неофицијалните информации на “Дневник”, Унгарија планира својата борба со мигрантите да ја води на грчко-македонската граница. Можно е наскоро Унгарија и Македонија да постигнат билатерална спогодба со која ќе и се овозможи на Будимпешта да испрати полициски патроли во обид да ја затворат границата кон Грција, од каде што влегуваат најмногу мигранти во Македонија, а потоа преку Србија заминуваат за Унгарија. Оваа информација може да се толкува како Унгарија да се фаќа за сламката на спасот, затоа што, очигледно, оградата што ја гради кон Србија не е спасоносната формула, а во ЕУ нема конзистентна политика за справување со растечкиот проблем.
Унгарија сепак официјално најави дека ќе почне општествена кампања во Македонија, Србија и во Грција чија цел ќе биде да се убедат мигрантите да не влегуваат во ЕУ преку унгарска територија. Одлуката е донесена по двојното зголемување на бројот на очекуваните имигранти на територијата на Унгарија.
– Целта на оваа кампања на унгарската влада во транзитните земји Србија, Македонија и Грција е јасно да им се стави на знаење на имигрантите дека не вреди да се упатуваат кон Унгарија. Имигрантите ќе се информираат дека разгледувањето на барањата за азил значително е сменето од 1 август – изјавиле за „Дневник” од прес-канцеларијата на унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Досега во ЕУ годинава пристигнале 250,000 бегалци. Но, српските медиуми изнесоа алармантни податоци, наведувајќи дека вториот бегалски бран од Сирија ќе биде многу поголем од првиот и тој може да достигне од три до пет милиони лица, кои ќе поминат низ Македонија и Србија. Според сознанијата на српските медиуми, а кои главно се потпираат на изјави на мигранти од Сирија, во моментов минуваат главно побогатите Сиријци, а наскоро се очекува бранот на сиромашни, кој ќе биде многу поголем од овој сегашниот. Официјалните податоци велат дека дневно во Македонија влегуваат по 1.000 мигранти.

Останати вести