Црквата Св. Петка во Рокдаел украсена со розеви панделки во чест на ракот на дојките

Како што знаеме октомври е време посветено на ракот на дојките, од кој многу од нас имаат изгубено некој близок роднина, пријател или познат.

Исто така е време кога на многу места се организираат собирни акции од групи организации или индивидуалци за собирање на парични средства за помош во наоѓање лек за ова смртоносно заболување.
За оваа цел женската секција при Македонската Православна црква Св. Петка од Рокдаел и оваа година како и претходните години ја покажа хуманитарната страна со организирање на појадок со розева панделка, под водство на госпоѓата Лена Котевич и нејзините помагатели и спонсори.
Имено, во неделата на 26ти октомври со пчеток во 11 часот се собраа околу 300 жени од различни возрасти во горната сала на црквата Пред самиот влез на црквата оградата беше украсена со розеви панделки а горе салата беше убаво декорирана во бела и розева боја. Многу од присутните жени беа облечени во розево, соодветно за денот.
Програмата ја отвори господинот Петер Котевич, секретар на управниот одбор на црковната општина, кој ги поздрави присутните и ги најави водителката на програмата Жаклина Трајковска, која носеше розева перика во чест на блиска роднина која недомна починала од рак на дојката Петер Котевич исто така го претстави новиот свештеник во црквата Св. Петка кој накратко ги поздрави присутните и во кратки црти зборуваше за негови блиски зафатени од ракот. Жаклина накратко спомна за ракот на дојките, за симптомите, некои статистички податоци како и за важноста за самопрегледување и редовно мамограмско снимање. Исто така на секоја маса имаше памфлет со информации под наслов Раното откривање е најдобра заштита, на македонски јазик.
Поканета беше специјална гостинка Барбара, жена од околу четирисетгодишна возраст која прочита говор за нејзиното лично искуство Зборуваше со голема храброст и цврстина, како била дијагностицирана од рак на едната дојка, поминала низ процесот на биопсија третмани, тестови и хемотерапија и за среќа лимфните жлезди не биле зафатени но бидејќи нејзината мајка починала од рак, Барбара после советување со лекари, со операција ги отстранила обете дојки. Сега се чувствува добро, живее нормален живот, со позитивна мисла за далечна иднина. Нејзиното излагање беше емотивно и следено со големо внимание од страна на присутните и на крајот таа беше наградена со букет цвеќе и бурни аплаузи. На масите имаше скромно јадење донесено од вредните домќинки, како и вода, кафе и чај. Атмосферата беше убава, жените имаа прилика да се видат, да поразговараат и неколку часа да уживаат.
Исто така имаше и богата лотарија благодарение на многу спонсори и дарители и доста среќни добтници. Секако, најголема заслуга за ова има женската секција која го организира овој успешен настан.

Славица Марчевска

Останати вести