Дана Вулин собра храброст и ја извади маската која ја носеше 2.5 години за да го покаже лицето пред јавноста.
28-годишната Дана, девојка со македонско потекло која живее во Западна Австралија, в недела за првпат го покажа лицето, после 30 извршени операции. Таа преживеа изгореници од трет степен што ѝ ги нанесе Наталија Димитровска во Перт, кога врз неа истури алкохол и ја запали
Приказната започнува од 16 февруари 2012 година кога во станот на тогаш 26-годишната Дана Вулин, која по потекло е од Македонија, а живее во Перт Западна Австралија, влегла љубоморна сопруга ја испрскала Дана со метил алкохол, и потоа ја запалила. Гледајќи ја како гори, Наталија Димитровска (30), исто така со потекло од Македонија, сега осудена на 17 години затвор за нанесување тешки телесни повреди, смеејќи се и гледајќи ја како Дана гори, го напуштила станот.
Дана Вулин се здоби со изгореници од трет степен. Повеќе од 60 отсто од нејзиното тело, вклучително и главата, е изгорено. По долготрајни борби и 30 извршени операции, младата Дана, на австралискиот Канал 7, во емисијата Sunday Night, за првпат го покажа своето лице, кое досега беше покриено со маска.
Оваа трогателна приказна на нозе ја крена австралиската јавност. Приказната за Дана Вулин беше преточена во неколку документарни филмови, а масовно се собираа и пари за нејзино лекување. Коментарите на јавноста се дека младата Дана настрадала поради нејзиното убаво лице, иако нејзиниот начин на живот бил мошне либерален – признава дека и самата често консумирала дрога, но дека тоа не бил поводот за нејзината расправија со осудената, а најмалку причина за нејзиниот живот да биде уништен.
Според официјалните информации, Наталија Димитровска, која претходно 24 часа била под дејство на дрога, заедно со уште едно лице влегле во станот на Дана околу 6 часот утрината. Претходно, Наталија ѝ се заканувала на Дана по телефон „дека ќе го уништи нејзиното убаво лице”, бидејќи се сомневала дека таа имала афера со нејзиниот сопруг, Един Хандановиќ од Перт, Австралија, исто така со македонско потекло.
„Здраво Дана”, ѝ рекла Наталија на Дана кога влегла во нејзиниот стан. Почнала расправија, по што Димитровска фрлила шише со метил алкохол и ја запалила тогаш 26-годишната Дана.
„Беше страшно… Болката беше неподнослива. Наталија почна да се смее и избега од станот. Почнав да врескам, да барам помош, истурав вода врз телото, но огнот не се гаснеше. Тлееше пламен, и ја осеќав секоја капка вода врз мене и секоја од нив ми создаваше неподнослива болка”, изјавува Дана во получасовната емисија на Sunday Night посветена на нејзината борба за живот.
Еден од соседите во зградата повикал брза помош и Дана за неколку минути се нашла во болницата во Перт, целосно завиткана во завои. Поминала низ 30 операции, но нејзиниот живот никогаш нема да биде ист.
„Засекогаш ќе морам да ја носам заштитата врз телото. Моето тело не може да се поти. Се срамам да ја извадам маската”, вели Дана.
Нејзината мајка, Вера, за австралиската телевизија вели дека ниту на најголемиот непријател на му посакува „да си го гледа детето како повторно учи да оди, да јаде, да зборува”…
Наталија Димитровска, пак, беше фатена во обид да избега од Австралија во Македонија, неколку дена по трагичниот настан. Беше фатена бидејќи полицијата го прислушувала нејзиниот телефон, па во еден од телефонските разговори со нејзиниот брат Д. Д., таа на македонски јазик му кажува дека бега, а тој ја советува да не зема куфери туку веднаш да трча на аеродромот во Перт.
Еден од вработените полицајци бил Македонец, па така полицијата успеала веднаш да реагира и Димитровска беше уапсена на аеродромот. Нејзината одбрана пред судот беше дека истурила алкохол врз Дана во самоодбрана и дека немала никаква намера да ја повреди.
За да биде приказната уште пострашна, неодамна на Дана Вулин ѝ беше дијагностициран рак на матката.
„Отсекогаш се прашував колку човек може да издржи. Очигледно може многу. Кога го прашав докторот колку е сериозна сега мојата дијагноза, тој само рече, имаш рак, Дана…”, вели таа.
„Знам која сум, но истовремено сум и жената со маска. Немам никаков израз на лицето, не можете да ми ги видите носот, устата, само очните јаболкца, но не и веѓите. Го ценам тоа што оваа маска здравствено го направи за мене, но истовремено ја мразам од дното на душата. Без неа не би била таму каде што сум сега, но од друга страна, повеќе би ја трпела физичката болка отколку да ја носам и понатаму. Мојата изгорена кожа и моите лузни денес се дел од мене, но тоа не сум јас”, вели Дана.
Вулин го покажа своето ново лице пред јавноста – децидна е дека нема да се откаже од борбата за нејзиниот живот.