Натали Димитровска, (28), е прогласена за виновна бидејќи жива ја запалила својата пријателка Дана Вулин (25), исто така по потекло од Македонија, во Перт, Западна Австралија.
Љубомората била причина зошто Натали Димитровска, нанела тешки телесни повреди врз Дана Вулин. Дента на злосторот таа влегла насилно во апартманот на Вулин, со помош на еден маж, и под дејство на метамфетамини барала да дознае каде е нејзиниот сопруг, за кој сметала дека има љубовна афера со убавата блондинка. После кратката расправа ја полила со течност и ја запалила. Судијата смета дека било посебно сурово додека Вулин горела во агонија, Димитровска се смеела и почнала да бега.
Инцидентот ја потресе јавноста во Австралија, која изминативе една и пол година успеа преку социјалните мрежи, добротворни концерти и други настани да собере пари за лекување на Вулин. Таа по нападот на 60 отсто од телото имала изгореници и десетина дена беше во кома, после што мораше да учи повторно да оди но сепак успеа да закрепне. На судењето Вулин се појави со специјален заштитен комбинезон и маска на лицето бидејќи се’ уште не се зацелени раните од изгорениците и уште многу операции и рехабилитација ќе и бидат потребни за добивање подобрување. Таа неделава требаше да биде подложена на нов хируршки зафат, и ќе мора да биде под посебни третмани до крајот на животот.
Според пресудата, Димитровска ја нападнала Вулин бидејќи била љубоморна оти наводно има љубовна афера со нејзиниот поранешен сопруг Един Хандановиќ. Обвинетата на 12 февруари под дејство на дрога дошла во станот на Вулин надевајќи се дека таму ќе го затекне Хандановиќ. Двете почнале да се расправаат по што Димитровска фрлила шише со метилалкохол и ја запалила Вулин. Димитровска по нападот избегала и неколку дена се криела, и ја сменила бојата на косата. Таа купила авионски билет во еден правец за Македонија, но кога дошла на аеродромот, полицијата ја уапсила. По апсењето и за време на судењето Димитровска тврдела дека реагирала во самоодбрана бидејќи Вулин неа ја нападнала.
– Дана се заврте и зеде спреј солзавец, по што јас веднаш го дофатив првиот предмет што ми дојде при рака и го фрлив кон неа. Инстинктивно реагирав за да се заштитам и не знаев дека е шише со алкохол – плачејќи изјавила Димитровска пред Судот.
Обвинителството ја отфрлило таквата верзија на инцидентот, тврдејќи дека Димитровска чекала погоден момент за да ја запали Вулин. Таа неколку дена пред инцидентот по телефон ~ кажала оти „ќе го уништи нејзиното убаво лице”. Обвинетата потврдила дека избегала без да и помогне на пријателката, бидејќи се испаничила кога ја видела како гори.
– Останав дома во наредните денови и земав дрога. Ги гледав вестите и му се молев на Бога таа да се разбуди од кома. Бев исплашена и решив да избегам од Австралија. Затоа ги излажав полицајците кога ме уапсија и им реков дека не знам ништо за тоа што и се случило на Вулин – рекла обвинетата.
На поротниците им биле потребни три и пол часа да ја донесат пресудата, на чие изрекување присустуваше и Вулин. Пред да слушне што одлучила поротата таа ги држела дланките врз градите, а потоа ги прегрнала мајка си и сестра си испуштајќи воздишка на олеснување.
Натали Димитровска доби затворска казна од 17 години, со минимум 15 пред можност за помилување. Сестрата на Вулин, Светлана Величковска, по судењето изјавила дека на целото семејство им олеснило поради одлуката на Судот.
– Им благодарам на сите луѓе што ни помагаа и ни даваа поддршка за цело ова време. Денешната пресуда ни донесе олеснување и уште еднаш да ви се заблагодарам за десетиците илјади коментари за поддршка на фејсбук-страницата „Помош за Дана”, кои многу и значеа. Не можеме да бидеме посреќни и со задоволство очекуваме Димитровска да ја добие заслужената долга казна – изјави Величковска.
Димитровска, пак, ја држела главата во рацете и плачела откако била прочитана одлуката. Нејзините адвокати само кусо изјавиле дека таа е „уништена од пресудата” и оти нема да коментираат додека не и биде пресудена казната.
27 Dec 2024