Свечено прославен Денот на независноста на Македонија во Џилонг

Во саботата, на 7 септември 2013 година, во салата на Македонската Православна Општина “Св. Јован Крстител” од Џилонг, најсвечено се одбележа денот од независноста на Македонија – “8 септември”.  По тој повод се одржа игранка со свечена академија на која успешно настапи и КУД “Бисер” со своја пригодна програма.

 Најпрво, Маријам Стојановска со својот прекрасен глас ги исполни химните на Австралија и Македодонија. Потоа претседателот Митко Николовски по поздравот прочита реферат за значењето на празникот.

Исто така и парохискиот свештеник, протоереј Чедомир Илиевски, со пригодни зборови го честита празникот со повик прославата да продолжи и утредента на 8 септември со  поголемо присуство на верниците на светата литургија на која ќе се стави посебен белег за независноста на Македонија.

На прославата имаше покането и видни гости од локалната општина во Џилонг, но посебно внимание привлече новопристигнатиот генерален конзул во Мелбурн, госпоѓата Бети Коруновска.

Изненадување на оваа прекрасна вечер приреди сонародникот Пеце Нечовски со изведба на познатата монодрама “Македонска Судбина” од Јордан Плевнеш.  А неколкуте групи на друштвото Бисер и овојпат како и секогаш беа на свое ниво при исполнувањето на својата програма.

Зоран Димовски

Останати вести