Достојно одбележан Денот нанезависноста на Република Македонија

Македонците во Сиднеј на најдостоинствен начин ја одбележаа 22-та годишнина од независноста на Република Македонија.

На Кинг Стрит во Рогдаел, предградие на повеќе милионскиот Сиднеј, збратимен град со Битола, се собраа околу две илјади Македонци кои дојдоа да уживаат во певливите и питоми рефрени на македонската песна, колоритот и шаренилото на македонските народни носии.

Оваа манифестација се одржа под покровителство на Собранието на општина Рогдаел. На овој семакедонски хепенинг настапијa културно уметничките друштва: Илинден од Рогдаел, женската фолклорна група Добро Утро од Рогдаел, КУД Вардар од Бенкстеон, Македононија од Волонгонг и КУД Преспа од Бексли, претставувајќи се со сплетови од сите делови на македонската земја.

Се претстави и македонската естрадна елита од Сиднеј со патриотски песни, а учество зедоа: Симеон Ѓоргиевски Брич, Петко Чавковски, Борис Деспотовски, Благоја Кајмаковски, Лупчо Настевски, Гоце Петревски Бананата, Вики Костадиновска, Бранко Киш, Елена Здравеска, Ѓоко Ѓорѓиев и Ламбе Дурмишовски. Пет часа се играше и пееше.

Вршителот на должноста амбасадор на Република Македонија во Австралија Мајкл Сибиновски по интонирање на австралиската и македонската химна го крена државното знаме, а потоа на присутните им го честита празникот. Поздравна реч имаше и Николас Мицковски, советник во општината Рогдаел.

Беа прочитани реферати на англиски јазик од Џеки Трајковска а на македонски од Кире Циревски, еден од организаторите на оваа спектакуларна манифестација која за првпат се организира.

Кире  Циревски

 

Останати вести