Донација на Охридското социјално друштво од Мелбурн за болницата во Охрид

Директорот на Општа болница Охрид, Љубен Арнаудов, на членовите на Охридското социјално друштво „Св. Наум Охридски“ им врачи благодарници за донацијата, а настанот беше надополнет со настап на ансамблот „Билјана Јуниор“.

Во Медицинскиот центар на Охрид. на пригоден начин беше предадена донација од Охридското социјално друштво од Мелбурн, која се состои од медицински помагала, опрема и материјали, со желба за подобро здравје и да им се олесни престојот на најнемоќните пациенти во геријатриското одделение на оваа установа.

Помошта ја врачи претседателот на Охридското друштво Васко Ангеловски, кој дополнително донираше и опрема од неговото семејство, истакнувајќи дека е гордост и задоволство кога може да се помогне во својата родна земја, колку и да сме далеку заминати по светот. Ова е уште една од низата досегашни акции и пратки предадени на повеќе болници, домови и поединци во Републикава. Помошта ја обезбедија членовите и управата на Охридското друштво во Мелбурн како и наши бизнисмени во овој град, нагласи Ангеловски, најавувајќи нова пратка, која наскоро треба да пристигне во Македонија.
Од името на Медицинскиот центар најтопло се заблагодари директорот Љубен Арнаудов, а од името на Општината се обрати заменикот на претседателот Бакрачевски, Ангел Јанев. Тој ја истакна хуманоста на своите сонародници кои со генерации живеат во Мелбурн. Пратеникот од петтиот континент во парламентот Васко Наумовски, кој присуствуваше на хуманитарниот чин, рече дека оваа донација не е ни прва ни последна од друштвото, и дека нашите Македонци се хумани луѓе, и тоа го докажуваат на дело.
Фото Од предавањето на хуманитарната помош од Мелбурн, во болницата во Охрид

Ф.Т

Останати вести