Австралија ги зголеми повеќе од двојно донациите во фондовите за борба против еболата во Западна Африка.
Министерката за надворешни работи Џули Бишоп објави дека Австралија ќе донира уште 10 милиони австралиски долари со што вкупната сума достигна над 18 милиони долари.
Од меѓународната хуманитарна организација Лекари без граници апелираа Владата на Австралија да испрати во Африка медицински тимови.
Бишоп додаде дека Австралија нема можност да евакуира свои жители кои би биле заразени во Африка од еболата, од која досега животот го загубија над 3.300 луѓе.
Болеста започнува да се шири надвор од Африка и веќе има прв случај на заболен од ебола на тлото на САД. Заболениот пациент е изолиран во една болница во Далас, Тексас. Кога пред една недела патувал од Либерија, западна Африка, се уште немал симптоми на таа болест, која не може да се забележи на друго лице се додека заразениот човек навистина не заболи од неа. Дури и тогаш се пренесува само преку излачувања на заболеното лице.
Тој човек не е прв пациент кој се лечи од ебола внатре во САД; но е прв на кого дијагнозата му е поставена на американско тло.
Во претходните три случаи се работеше за лекари или хуманитарни работници, кои се инфицирале додека престојувале во Западна Африка, а во САД се префрлени за третман. Сите оздравеле од таа тешка заразна болест.
Сите лица кои биле со него во контакт ќе бидат следени најмалку 21 ден за да се утврди дека немаат симптоми на таа болест.
02 Dec 2024