Џејмс Харисон, 76-годишен Австралиец, досега спасил животи на повеќе од 2,4 милиони бебиња, донирајќи крв која содржи редок антиген кој лечи од хемолитичка болест кај новороденчињата.
Харисон, како 13-годишно момче, преживеал тешка операција благодарејќи на донираната крв и тогаш се заколнал дека кога ќе стане полнолетен и самиот ќе почне да донира крв.
Веќе после првото донирање утврдено е дека содржи многу редок антиген Rh0(D) lmuno Globulini, кој го спречува развојот на хемолитичката болест која се јавува како последица на некомпатибилноста на крвните елементи на бремената жена и детето.
Откако се дознало за овој редок тип на крв, Харисон се согласил на истражување врз основа на кое е направена Anti-D вакцината.
– Ме осигураа на милион долари, така што знаев дека мојата сопруга Барбара ќе има средства за живот доколку умрам. Не ми беше страв, туку само бев среќен што можам да помогнам, рече овој 76-годишен Австралиец.
Досега донирал крв 1042 пати и на овој начи усреќил милиони мајки, вклучувајќи ја и својата ќерка Трејси, која роди здрав син.
Освен неа, ја усреќил и мајката Џој Барнс, која работи во Банката за крв на Црвениот крст во Сиднеј.
Иако десетлетија се познаваат, дури неодамна му кажала дека и таа е меѓу стотиците илјади мајки на кои им помогнал.
– Без него не би имале здраво бебе. Не знам како да му заблагодарам, рече Џој за австралиската телевизија.
– Час од вашето време може да значи животен век за друго лице. Секој ден се јавува се поголема потреба за донатори на крв и кога секој донатор со себе би повел еден пријател, не би се нашле во незавидната ситуација во која се наоѓаме, рече Харисон, кој во Австралија е познат како „Златна рака”.
Тој се надева дека до 81 година ќе запише 1111 донација на крв.
02 Dec 2024