1.
Најубаво предупредување зошто никогаш не треба да се градат нуклеарни централи се катастрофите во Чернобил и Фукушима. Минатава недела тешка радијација стронциум 90 е откриенa во дождовницата што истекла од заштитните прегради околу цистерните за чување на радиоактивната водa на оштетената јапонска нуклеaрна централа “Фукушима-1”.
Досега се случија неколку инциденти поврзани со истекување на радијација во морето во Јапонија, која е земја со највисоко ниво на технологија а сепак не е во состојба да го менаџира проблемот. Замислете што би се случило во некоја друга земја.
2.
Подолго време се сигнализира дека нешто не е во ред со инвеститорот Субрата Рој, а дали за тоа се загижени надлежните во РМ е приказна за себе.
Тој уште од мај 2012 се покажува како инвеститор што ќе ја унапреди економијата, а никако да дојде инвестиција од него.
Сега и Врховниот суд во Индија и’ нареди на “Сахара груп”, компанијата на милијардерот Субрата Рој, да му ги предаде тапиите на своите имоти на регулаторното тело СЕБИ во рок од три недели.
Врховниот суд, исто така, соопшти дека ако “Сахара груп” не ги предаде тапиите во рок од три недели, тогаш Субрата Рој и други директори не можат да ја напуштат земјата без негова дозвола.
Претходно, Врховниот суд побара од “Сахара” и СЕБИ да изнајдат механизам групата да врати околу 4 милијарди долари на измамените инвеститори.
Судот ги разгледуваше и петициите поднесени од СЕБИ против Рој, двете фирми и нивните директори, поради невраќање на парите на инвеститорите во претходно договорениот рок.
Злите јазици велат дека не само што салата во Скопје била дадена бесплатно, туку и прославата на “Сахара груп” во Македонија, што се одржа пред неполн месец, била финансирана од Владата. Дали е до толку очајна ситуацијата што мора да се измислуваат инвеститорите? Дали ќе пукне тиквата и со астрономскиот хонорар за Тони Блер, како што шпекулира чаршијата, дека е исплатен од буџетот на Македонија а не од страна на Субрата Рој?
3.
Во неделатa беа пренесени моштите на Димко Могилчето во дворот на црквата св. Архангел Михаил во Могила. Малкумина знаат дека зад оваа успешна акција беа Македонското културно друштво “Димче Могилчето” од Мелбурн и Сиднеј кои уште од започнување на иницијативата во далечната 1998 година во Мелбурн, од страна на Андон Лазаревски, се трудеа да го донесат телото на овој познат револуционер, кој загинал на 4 јануари 1908 година.
Можеби сме само сто илјади Македонци во Австралија, но сигурно со ова даваме убав пример како да сме голема нација.
4.
На Македонскиот фестивал на храната оваа година, покрај друштвата и клубовите од заедницата што продаваа храна, имаше и еден продажен шатор Support Macedonia. Од него сите средства беа наменети за поддршка во стари крај. Како финансиска помош за 6 членото семејство Ѓуровски во Мренога, за изградба на манасторот Св. Ѓорги во Битола, за поправка на гробиштата во Доленци и во Железнец.
На овој штанд неуморно работеа волонтерски Жаклин, Лилјана, Роза и Бале Барашлиеви, Драги, Тренко и Марија Нешковска.
Навистина убав гест што треба да се поздрави. Исто така и организациите што имаа свои штандови целиот профит од настанот ќе можат да го користат за играорните групи, фудбалските клубови и социјалните друштва. Од една идеја веќе втора година се раѓа прекрасна и корисна традиција. Сите со нетрпение ќе чекаме до следната година, да се повтори овој настан, и нема да биде за изненадување ако вакви настани започнат да се одржуваат и во други градови на Австралија, каде што живее голема македонска заедница.
13 Oct 2024