1.
Нашата Мери Лалиос е повторно избрана за градоначалничка на општина Витлси за наредните 12 месеци. Мери за прв пат беше избрана како општински советник во општината во 2005 година, претставувајќи област во која живеат голем број Македонци. Таа има искуство, на двапати во 2008 и 2009 година беше гpадоначалник, и најдобро ќе може да ги исполнува барањата на општината која е една од најбрзо растечките во Австралија.
За нејзин заменик е избран Стеван Козмевски кој како ветеран во општината од 1997 е општински советник и беше еднаш градоначалник во 2011 година.
Во општината Витлси се наоѓаат двата македонски храмови: “Св Ѓорги” и “Св. Петка” и два прекрасни манастира: “Св. Прохор Пчински”–Донибрук и “Св. Климент Охридски” -Кинг Лејк. Тука имаме и голем број фудбалски клубови и играорни друштва, дури три се во оваа општина од 7 што постојат во Викторија. Исто така во оваа општина сиве овие години се подготвуваат единствените два неделни македонски весници на дијаспората – Австралиско Македонски Неделник и Австpалиско Македонски Денес. Во оваа општина имаме двојазични училиштa во кои во pедовната настава се изучува и македонскиот јазик.
Многу е направено и допрва ќе треба да се остварат некои потреби што се повеќе стануваат критични, особено во областа на старечката популација итн.
2.
Oслобoдувањето од притвор на новинарот Томислав Кежаровски е триумф на правдата и сите оние што се залагаат за чесност, тоа е доказ оти има се уште разум и извесна правда во Македонија.
Случајот на новинарот Кежаровски го привлече вниманието на меѓународната јавност, а пресудата наиде на реакции од повеќе организации и институции. Кежаровски, според судот, е осуден за напишан текст пред 5 години во кој открил идентитет на лажен заштитен сведок во случајот “Ореше”.
Заштитениот сведок, на чиј исказ се базираа претходните две пресуди, одлучи да проговори. Сведокот, со статус на загрозен и заштитен, во судот во Велес дал исказ со кој потврдил дека сето она што пред тоа го кажал му било наметнато, односно дека исказот го дал под уцена на лица вработени во МВР.
Еден ден можеби ќе се снима и филм за тоа кога Кежо излегувал од затворот, целиот затвор тропал, а од прозорците на ќелиите во кои се сместени жените се гледаа раце кои го поздравувале. Навистина голем срам е да се суди човек што открил корупција и криминал од самата држава (и законот кој е таму да го штити народот од криминалците а не обратно).
Ќе дојде време кога ќе се срамат сите од она што се случуваше за време на неговото судење.
види стр. 28
3.
Во овој број ви донесуваме интересен прилог за фудбалерот Димитар Митков, кој е роден во Мелбурн и има настапувано за младинската репрезентација на Австралија. Тој оваа година се врати во Македонија и игра за ФК Вардар како најмлад фудбалер.
Тоа сигурно за неговите родители е голем настан и со него неговиот татко Бојан со право може да биде горд.
види стр. 42
13 Aug 2024