Ване од Австралија е новиот Елвис Присли

Кога се преселив во земјата на кенгурите, многу луѓе ми велеа дека личам на популарниот пејач од шеесеттите. Инаку, јас сум фолкер, свирам на хармоника и возам автобус.

Ване Црнгаров, од село Kуклиш, Струмичко, кој живее и работи во Мелбурн, Австралија, е единствениот македонски двојник на Елвиси Присли. На промоцијата на својот деби-албум со препеви на најголемите хитови на кралот на рокенролот се појави облечен во костум како Kралот на рокенролот. Гестовите при играњето и изведбата на песните успеал вешто да ги доближи до својот идол.

– Љубовта кон Присли и неговата музика беа мотив да го создадам овој проект со 19 хита на музичката легенда, кои ги препеав на свој начин. Елвис е еден единствен и незаменлив, но се трудам да бидам негова достоинствена копија. Потврда за тоа е мојот влез меѓу 20 финалисти на традиционалниот фестивал во неговото родно место Мемфис во САД. На настанот се појавија 72 негови двојници од целиот свет. Бев возбуден кога ме претставија како Македонец од Австралија. Ми дадоа прекар Елвис со македонски акцент – открива Ване.

Сличноста со легендата ми го промени животот

Ване има 20-годишна музичка кариера. Пред да се отсели од земјава, низ рестораните постојано ја пеел It’s now or newer, а на секоја изведба присутните коментирале „го гледате ли Елвис”. Вели дека цел живот живее со прекарот Елвис, кој го добил уште од мал.

– Додека бев во војска сите ми велеа дека личам на Присли. Но, изненадувањето беше најголемо кога почнав да живеам во Мелбурн. Ме среќаваа на улица и ме поздравуваа. Се сликаа со мене. Малите деца ми викаа „еј, личиш на Елвис, а него многу го сака мајка ми”. Kога влегував во продавница за леб продавачките прво почнуваа да играат и да пеат некој негов рефрен, па потоа ме услужуваа. Сличноста со Елвис му го променила животот.

– Не направив дополнителни корекции за да личам на починатата ѕвезда. Го променив само стилот на музицирање, а покрај фолкот, многу го засакав и овој вид музика.

Со часови играм и пеам пред огледало

За да го долови најдобро ликот на Елвис, со часови се дружел со неговата музика и гледал снимки од концерти и настапи.

– Играњето на Елвис го вежбав пред огледало. Пеам, играм и личам на него. Бев комплетен Елвис, но не за јавност, туку за себе. Се’ до моментот кога луѓето среќавајќи ме на улица ми викаа зошто не почнам да заработувам од овој природен дар. Ми викаа зошто не одиш по приватни забави. Па многумина сакаат да им игра и пее Kралот. Сепак, јас повеќе бев инволвиран во македонската музика. Свирев по концерти, свадби и крштевки и не ни мислев дека еден ден ќе бидам толку блиску до него. Сега сум среќен со успехот што го постигнав.

Негова следна професионална цел е снимање документарен филм за својот живот и за големата популарност што ја ужива како двојник на Kралот на рокенролот.

ЖЕНА МИ ГИ КРЕИРА КОСТИМИТЕ

Најголема поддршка во кариерата добива од сопругата Елизабета. Таа е задолжена за неговите костими со кои се претставува пред јавноста.

– Kога бев на фестивалот во Мемфис, таа ми најде кројачка за костимите. Ги имам во повеќе бои, со модели што беа најпрепознатливи за легендата. Kога решивме да се земеме, на шега ме претставила пред своите родители со зборовите: „зет ќе ви биде Елвис Присли”.

Во кафулето „Мај кафе” во Скопје направи промоција на неговиот албум, што содржи 19 препеани хитови од вистинскиот Елвис.

– Јас се викам Ване Црногаров и роден сум во Куклиш, Струмичко, а во Австралија сум речиси 17 години. Причината поради која одлучив да терам ваков имиџ е затоа што кога дојдов во Австралија, многу луѓе ми велеа дека личам на популарниот пејач од шеесеттите. За овој албум вложив многу труд и се надевам дека ќе ми се исплати. На него има 19 препеани песни од вистинскиот Елвис, па се надевам дека ќе ѝ се допадне на публиката. Инаку, јас сум фолкер,свирам на хармоника и возам автобус. Речиси да нема фолкер од Македонија кој дошол таму кај нас да пее, а да не сум свирел со него – вели во еден здив зборлестиот Ване, односно Елвис Присли од Австралија.

Останати вести